Македонија
Скандалозна распределба на пари во култура – има за тетовски, нема за скопски џез-фестивал
Хаос во годишната програма на Министерството за култура која беше објавена денеска. Укинати се бројни музички манифестации, анонимни лица и фирми ќе добијат огромни средства од буџетот за култура на сметка на видни манифестации, како на пример „Таксират“, каде што буџетот е видно намален.
Скопскиот џез-фестивал и фестивалот „Оффест“ биле отфрлени на конкурсот, што значи дека под знак прашалник се доведува нивното одржување. Отфрлени биле и сите предложени проекти на „Авалон продукција“. И сето ова е само во делот на музичко-сценската дејност, за што реагираат бројни и долгогодишни музичари и организатори на културни манифестации.
„За жал, она што се очекуваше со годинешниве резултати се случи! А се случува една голема попара таму и сето тоа како резултат на политичкиот пазар и ‘примопредавање’ на културната штафета на друг партиски субјект. Резултатите се некомплетни и повторно се отвораат прашања од типот ‘по кои критериуми се вреднувани проектите и учесниците’“, вели за „Макфакс“ музичарот Петар Младеновски, фронтмен на „Суперхикс“.
Тој вели дека на листите има тотални анонимуси „наградени“ со десетици илјади евра за нивните проекти, додека докажани манифестации, кои се одржувале со декади, се тотално исфрлени.
„Да не зборуваме дека она ‘култура за сите’ на терен не дава резултати. Еве конкретно од областа на рокенролот (па и останати урбани музички уметности) јас речиси и не гледам проекти. Тешко нам ако сакаме со вакви резултати да станеме културна престолнина. Селективна култура“, вели тој.
Колку за пример, најмногу пари годинава во овој сегмент има добиено Здружението „Артал“ од Тетово, вкупно 3,5 милиони денари или 56 илјади евра за фестивал „Меридианс“ и за концерт „Класик и рок мјузик“. Наспроти ова, скопскиот „Таксират“ добил само 500 илјади денари, иако барале 6 милиони. Исто толкава сума колку и „Таксират“ добило здружението „Елизиум“ со концерт со млади во Тетово.

За одржување на познатиот Џез-фестивал Куманово одобрени се само 200 илјади денари, а наспроти ова, Џез-фест Тетово добива 1,5 милиони денари.
За концерти на Влатко Стефановски и Мирослав, 21 година од издавање на албумот „Крушево“, одобрени се само 250 илјади денари, иако биле побарани над 2 милиони денари.
Етно-групата „Синтезис“ биле одбиени за финансиска поддршка да настапуваат во Австралија, а одбиени биле и пари за одржување на Скопје џез-фестивал и познатиот „Оффест“.
Директорот на Скопје џез-фестивалот, Оливер Белопета, за „Макфакс“ изјави дека е во шок по објавата на Министерството за култура.
„Се шокирав ноќва. Тоа што неофицијално го дознавме како образложение за џез-фестивалот, кој е фестивал од највисок ранг во државава, апсолутно не држи. Се работи за некои лични интереси на еден човек во Комисијата за музичко-сценска дејност. Ние за почеток ќе се жалиме и ќе побараме изземање на комисијата. Место да се занимаваме со подготовка на програмата на фестивалите, ние сме принудени да правиме преписки за дилетантизмот во министерството“, изјави Белопета и најави дека детално ќе разгледаат програмата и ќе излезат со официјален став.
Со реакција за скандалозниот конкурс се јави и сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески.
„Доволно е само да се погледнат рутите на турнеите на Lenny Kravitz, Sting и на Eros Ramazzotti и да се види дека Авалон Продукција наместо да ги одржи концертите во многу поголеми маркети какви што се Хрватска и Србија, го одбра Скопје. Исто како што проектот Ohrid Calling наместо да го префрлиме на море во Албанија, од петни жили се трудиме да го задржиме во Охрид. Со сето ова, сакавме да дадеме реален придонес во годината во која на Македонија и` се отвораат евроатлантските перспективи во сегментот на работа во којшто сакале тоа да признаат другите или не, ние како независна продукција сме најквалитетни и најпотентни во целиот регион. А кога е ресорното министерство во прашање, бевме сигурни дека ќе биде препознаено дека со овие проекти не само што даваме огромен придонес на неверојатно ниското ниво на култура во Република Македонија, туку и дека за прв пат со вакви четири сериозно големи проекти сме апсолутни регионални лидери. Не можам да кажам дека сум изненаден, туку едноставно сум шокиран како ова не е препознаено од Министерството за култура кое нема никаква друга работа, туку да препознава и да поддржува вакви идеи. За останатите чекори коишто ќе ги превземеме, ќе бидете благовремено известени кога ние ќе добиеме официјално известување како тоа на Министерството за култура смета дека на државата не и` се потребни концертите на Sting, Lenny Kravitz, Hooverphonic, Eros Ramazzotti, Tom Odell, Горан Бреговиќ, Ohrid Calling итн“, изјави Милошески.
Бројни се реакциите на социјалните мрежи и за останатите дејности, како за драмската и издавачката дејност, каде што пари од буџетот за култура се доделувани на анонимни лица, и тоа во повеќе наврати.
„Поголемиот дел од проектите од организации кои со години пливаат низ ова трусно подрачје се одбиени или добиваат минимална поддршка. Ова е сериозен удар врз културата бидејќи проектите не добиваат речиси никаква поддршка“, вели преведувачот и новинар Ненад Георгиевски.
Учесниците на годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2019 година имаат право на жалба, која не го одлага извршувањето.
Мери Јордановска и Маја Пачемска-Илиевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

