Македонија
Рокот на крофните „Специјал“ го намалил од пет на три дена, затоа биле послужени еден ден пред истекот

За да ја зголеми безбедноста, „Специјал“ го намалил рокот на траење на крофните поделени на учениците од ООУ „Димитар Миладинов“ од пет, на три дена, извести денес директорката на училиштето Маја Ангелова. Родители на деца од ова училиште се пожалија дека принцес крофната поделена вчера како ужинка била кисела и со рок на траење до денес. Датум на производство на крофните нема. Директорката Ангелова до „Макфакс“ испрати реакција со известувања од „Специјал“ и од Советот на родители.
„ Во однос на настаната ситуација со десертот принцес крофна кој беше доставен на 15.02.2019 би сакале да ве известиме дека одговорно стоиме позади квалитетот на истиот бидејќи реалниот рок на производот е 5 дена, а од наша страна намален е рокот со цел да се зголеми безбедноста на истиот, односно производот е произведен на 14.02.2019 година со рок на траење до 16.02.2019 – 3 дена. Веднаш по забелешката за квалитетот на производот беше известен нашиот оддел за контрола на квалитет и беше констатирано дека производот е во рок на траење со добар квалитет и структура. Од испорачаната шаржа во нашиот оддел за контрола на квалитет има сочувано примерок кој сугерира и аргументира исправен производ. Дополнително беше извршена следливост согласно HACCP и ISO протоколите и не беше констатиран техничко- технолошки пропуст или неусогласеност на производот“, стои во известувањето потпишано од „Специјал“.
Советот на родители, како што стои во реакцијата од директорката, известува дека до нив не стигнала никаква поплака или жалба за храната која била послужена вчера.
Родителите најавија дека случајот ќе го пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.