Македонија
Силјановска е претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ: Македонија многу ми даде, сега е ред јас да вратам
Гордана Силјановска и официјално е избрана за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ од страна на делегатите на партијата на денешната конвенција во Струга.
Со 408 од 519 гласа, Силјановска доби огромна поддршка како претендент за претседател и победата во гласањето со кое се одлучуваше меѓу деветмина кандидати ја однесе уште во првиот круг.
„Чест ми е што дојде време жена да биде кандидат за претседател бидејќи Македонија е во женски род, исто како и Европа. Во оваа прилика сакам да упатам порака дека ЕУ сега треба да ни подаде рака на нас бидејќи како таква ЕУ е недосвирена симфонија и не може без Балканот. А таму и на Македонија и е местото“, порача Силјановска која ја совладаа емоциите.
„Владата треба да има тим. Не ми се допаѓа оваа синтагма ‘Едно општество за сите’, проблематична e, ние имаме две општества, две влади, тоа не може така да функционира. Ќе го споменам и Уставниот суд кој не се одважи да донесе мрека за укинување на еден закон. За ова што го говорев велат дека сум била во групата на средни националисти, но ќе ви откријам нешто – не сум националист. Родена сум во турска куќа, а мојот брат има побратимство со албанско семејство, па можам ли да бидам националист“, порача таа додека во салата се слушаше гласно скандирање „ВМРО-ДПМНЕ“.
Силјановска го цитираше Кенди, кој како што кажа, рекол дека многу добил од САД, а таа рече дека од Македонија како родна земја добила многу и сега е нејзин ред да врати.
За Претседател на Република Македонија ќе се гласа на 21 април, а вториот круг ќе биде на 5 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

