Македонија
Утре почнува судењето за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ

Утре во Основниот суд Скопје 1 треба да почне судењето за предметот „Талир“ на специјалното јавно обвинителство за незаконското финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Обвинети се поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, бегалецот Никола Груевски, ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, која лани призна вина и доби условна казна.
СЈО тврди дека обвинетите незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра во готовина, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на различни имиња. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари. Предметот ќе го суди судечки совет со кој ќе претседава Осман Шабани.
Никола Груевски е обвинет дека во периодот од 2009 година до 2015 година спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупцијата, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за ВМРО-ДПМНЕ.
Во овие свои активности му помагале обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски, кои, им вршеле притисок на претставници на правни лица, кои пак, имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ како противуслуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.
Обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на ВМРО-ДПМНЕ, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и за купување недвижен имот за ВМРО-ДПМНЕ.
За предметот „Талир“ има уште едно обвинение за кое судот сè уште се нема произнесено дали е оценето обвинението, а се однесува на незаконска изградба на партиското седиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити изврши увид на градежните активности за изградба на примарната водоводна мрежа во Мерово, Желино

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, придружуван од градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу и пратеници од регионот, денеска изврши увид на градежните активности за реализација на проектот за изградба на примарната водоводна мрежа во селото Мерово, општина Желино.
Проектот предвидува изградба на дистрибутивната мрежа за водоснабдување во рамките на селото, изградба на поврзувачки цевковод од резервоарот до главната мрежа, отворање на нов бунар покрај постојниот, како и рехабилитација и проширување на веќе изграден резервоар.
Досега е извршено отворање на еден бунар и изградба на еден резервоар, кои во рамките на овој проект ќе бидат финализирани и модернизирани.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 15.847.359 денари, обезбедени од буџетот на надлежното министерство, а градежните активности се очекува да завршат до крајот на 2025 година.
„Одржливото снабдување со вода е еден од најважните приоритети на нашата Влада, бидејќи е директно поврзано со квалитетот на животот на граѓаните и развојот на нашите населени места. Со овој проект ставаме крај на децениските проблеми со недостиг на водовод во Мерово и им обезбедуваме на жителите подобри услови за живот“, истакна првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.
Оваа инвестиција претставува дел од стратешките проекти кои имаат за цел унапредување на основната инфраструктура и задоволување на елементарните потреби на граѓаните во сите населени места на општина Желино и пошироко.
Македонија
На Табановце се чека околу 10 до 15 минути за излез од државата

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 10-15 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Општина Карпош: Го демантираме другарот на Мицкоски, Сотир Лукровски, дека има нерешени 11 000 предмети за легализација, а тој ќе ги решел за две и пол години

„Општина Карпош во целост го демантира другарот на Христијан Мицкоски, Сотир Лукровски, дека во општина Карпош има нерешени 11 000 предмети за легализација и замислете, тој ќе ги решел за две и пол години. Фактите говорат дека општина Карпош од 2011 до 2018 година има примено вкупно 12688 барања и од нив досега се решени 9385, а останати се уште 3303 барања“, велат од општина Карпош.
„Најголем дел од нив се со нерешени имотно-правни и оставински постапки и се чека на завршување на судска постапка, на друг дел е побарана дополнителна документација, и мал дел се во постапка за решавање.
За кандидатура на градоначалник основен услов за кандидатот е да биде добро информиран и да не кажува лаги. Ако кандидатот во кампања кажува лаги, какво ли ќе биде неговото функционирање како Градоначалник!?
Општина Карпош го замолува г-дин Христијан Мицкоски да го едуцира својот кандидат и го замолуваме да не ги вознемирува директорките на градинките и училиштата“, соопшти општина Карпош.