Спорт
Јунајтед му дава 90 милиони фунти на Де Хеа за да остане на „Олд Трафорд“

Угледиот „Тајмс“ пишува дека Манчестер Јунајтед сака по секоја цена да го задржи шпанскиот голман, Давид Де Хеа меѓу стативите на „Олд Трафорд“.
Репрезентативниот голман на „Фуријата“ има актуелен договор со „ѓаволите“ до 2020 година, а според пишувањата на „Тајмс“, премиерлигашот е подготвен да му даде нов договор вреден 90 милиони фунти со што би станал најплатениот фудбалер на Островот.
Голманот барал неделна плата од 350.000, а најверојатно челниците на клубот ќе му излезат во пресрет само да не го загубат. Направени се и пресметките дека друг голман од светска класа ќе ги чини повеќе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Жоао Педро во Челзи

Челзи постигна договор со Брајтон и Жоао Педро ќе стане нов играч на „сините“.
Брајтон ќе инкасира 50 милиони фунти, односно околу 60 милиони евра, а 23-годишниот ќе потпише договор откако претходно, во текот на денот ќе ги мине лекарските прегледи.
Минатата сезона, Жоао Педро постигна 10 гола и запиша седум асистенции во 30 настапи во сите натпреварувања, додека сезоната претходно имаше учинок од 20 гола и три асистенции во 40 настапи.
Со трансферот на Педро, Челзи ја заврши целосната реконструкција на напаѓачката линија.
Ова лето, Челзи договори за три трансфери на напаѓачи во вредност од 145 милиони фунти, односно 170 милиони евра. Во клубот пристигнаа покрај Жоао Педро, Лијам Делап и Џејми Гитенс.
Спорт
Клоп: Ливерпул даде премногу пари за Вирц

Поранешниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп, смета дека сумата што неговиот поранешен клуб ја инвестираше во трансферот на Флоријан Вирц е претерана.
„Црвените“ го срушија рекордот во Премиер лигата со тоа што платија 116 милиони фунти на Баер Леверкузен за германскиот репрезентативец.
„Без сомнение, тоа е претерана сума, а играчот на Ливерпул знае дека ако работите не одат добро во два или три натпревари… Сите се согласуваме дека зборуваме за одличен играч. Знам дека еднаш реков дека ако платиме 100 милиони евра за играч, ќе си заминам. Но, светот се менува. Тоа е пазарот“, рече Клоп.
Спорт
Почнува Вимблдон: Алкарас прв фаворит, останатите во сенка

Од специјалниот известувач од Лондон
Во понеделник во Лондон почнува 138-то издание на најстариот тениски турнир, кој, многумина тенисери, го сметаат и за неофицијално светско првенство. Во наредните две седмици, најдобрите светски тенисери и тенисерки ќе се обидат да триумфираат во некоја од петте категории: машка, женска, игра во двојки и микс двојки.
За главен фаворит се смета минатогодишниот победник Шпанецот Карлос Алкарас, што доколку се случи, би бил негов трет последователен триумф на Турнирот. За негов противник во финалето, највеќе се типува на победникот од полуфиналето, во кое се очекува да се сретнат Италијанецот Јаник Синер и Србинот Новак Ѓоковиќ.
Патот до финалето, и според ждребката е најлесен за Алкарас, бидејќи Стефанос Циципас, Андреј Рубљов, Даниел Медведев не се во форма која би му преставувала сериозна закана. Оттука и неговата изјава пред турнирот е полна со самодоверба:
„Доаѓам во Лондон со мисла дека навистина сакам да го освојам турнирот. Размислувам само за тоа да бидам подготвен и да се спремам на најдобар можен начин. Чувствувам дека имам многу самодоверба и едваи чекам да почне турнирот“.
За разлика од Алкарас, Синер и Ѓоковиќ можат да налетаат на некоја т.н. „попатна мина“ пред евентуалниот нивен судир во полуфиналето. Италијанецот, после освоениот Австралијан Оупен и незаборавното финале на Роланд Гарос, веќе не се смета за млада надеж, туку сите на него гледаат како на зрел тенисер, кој со самото тоа што на турнирот доаѓа како број еден на АТП листата, реало е и да очекува да го игра своето прво финале и да победи.
Србинот, поради годините, сите го сврстуваат во ветеран, кој полека треба да ја напушта сцената, но така не мисли и тој.
„Дали ова ќе биде мојот последен танц? Не сум сигурен. Мојата желба е да играм уште неколку години“ – самоуверено изјавил Ѓоковиќ на воведната прес конференција.
Домаќинот голема надеж полага во финалето да го види Британецот Џек Дрејпер, што му создава притисок, за кој прашање е дали ќе успее да го совлада, особено во евентуалните четвртфинале со Ѓоковиќ и полуфинале против Синер. Затоа малку кој верува во неговата изјава дадена пред турнирот дека не го интересира со кого сé се вкрстува на патот до финалето и дека само е фокусиран на првиот меч.
Во женска конкуренција, како и секоја година, неизвесноста, најверојатно, ќе биде присутна до самото финале, бидејќи нема изразит фаворит и лесно може да се повтори минатогодишното финале во кое триумфира Барбора Крејчикова од Чешка, како 31-носител на tурнирот.
Обложувалниците најмногу шанси ѝ даваат на првопласираната на ВТА листата, Bелорускината Арина Сабаленка, која е гладна за својот прв вимблдоснки триумф и Елена Рибакина од Казакстан која триумфира пред три години. Не би смеела да се заборави и Ига Швјонтек од Полска, која, за разлика од минатите години, растеретена од притисок, конечно може да го освои својот прв гренд слем на трева. И во женска конкуренција, домаќинот има свој адут, а тоа е Ема Радукано, која, ако дојде до третата рунда, пред преполните трибини на Централниот терен, на терен би ја предизвикала токму Сабаленка.
Оваа година вкупниот награден фонд е зголемен на рекордни 53,5 милиони фунти (62,6 милиони евра) што е зголемување од 7,1% во однос на 2024. Шампионите во машка и женска конкуренција ќе добијат по 3 милиони фунти (3,5 милиони евра), додека поразените ќе инкасираат половина од оваа сума.
Од најпрестижниот тениски турнир на светот ќе известуваат околу 400 новинари од педесетина земји, но, поради војната во Украина, не и од Русија и Белорусија, иако нивните тенисери во двете конкуренции се меѓу првите десет. Како и на претходните пет вимблдонски турнири, и оваа година Макфакс и Топспорт ќе имаат свој известувач од сите четиринаесет турнирски денови.
Ненад Живановски-Столиќ