Топ
Села му се налути на Заев, не доаѓа на средба
Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, одби да присуствува на закажаната средба со премиерот Зоран Заев, на која требаше да разговараат за консензуален кандидат за претседател. Одлуката на Села следува откако Министерството за образование ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, да именува и разрешува директори на училиштата. За Алијансата за Албанците ваквата одлука е политичка, а Таравари побара премиерот Заев да го разгледа целиот случај.
„Оваа одлука дојде од централната власт, т.е. од партиите ДУИ и СДСМ (иако верувам дека вторава нема голема улога во одлукава). Морам да истакнам дека од страна на нашата општина, и покрај лошите услови нема никаква повреда која води кон ваква флагрантна одлука“, обвини Таравари на „Фејсбук“.
Од СДСМ потврдија дека денеска нема да се одржи средбата Заев – Села, а за утре најавија дека премиерот ќе се сретне со лидерот на Беса, Билал Касами. Претходно Заев се сретна со Ахмети, Тачи и Гаши со кои се договори консултациите да продолжат во партиските органи за тоа кој би можел да биде консензуален претседателски кандидат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Авганистанци криумчареле мигранти во земјава: Откриени се два импровизирани кампови на границата со Србија
Во голема полициска операција вчера, во место викано Ресуљка во близина на граничната линија помеѓу Македонија и Србија беа откриени два импровизирани кампови во кои се пронајдени осум илегални мигранти, од кои двајца од Пакистан и шест од Авганистан, меѓу кои и две деца, соопшти МВР.
Истиот ден, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, до обвинителството поднесе кривична пријава против З.Х.(20), Џ.Д.(31), В.Х.(34), А.Ш.(37) и 15-годишник, сите од Авганистан, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.
Имено, пријавените во неколку наврати прифатиле, во улога на водичи илегално пренеле и засолниле група од илегални мигранти од Грција до камповите. Откако ги сместувале во импровизираните кампови, З.Х. и Џ.Д. со употреба на сила и закана од лицата изнудувале парични средства со цел да им овозможат нивно понатамошно префрлување на територија на Србија, а со крајна дестинација земјите од Европската унија.
Македонија
(Видео) Филипче: Власта врши притисок врз судството
Претседателот на СДСМ и на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, на денешната седница на Советот упати сериозни критики за состојбата во правосудството, посочувајќи дека Европската комисија јасно укажува на тоа дека независноста на судството во државата е нарушена и со тоа директно е загрозена неговата независност и кредибилитет.
„Генералната независност и финансиска автономија на правосудството се поткопани со вмешување и притисок од други гранки на власта за притисок врз членовите на судскиот совет“, рече Филипче.
Филипче исто така нагласи дека во извештајот Европската комисија се задржува на три клучни препораки кои Владата мора итно да ги исполни, а тоа се донесувањето на Закон за парнична постапка, согласно европското законодавство, закон кој се носи со двотретинско мнозинство и кој беше во Собраниска поставка во претходниот Собраниски состав и забрзана имплементација на стратегијата за реформи во судството.
Дополнително, тој предупреди дека Европската комисија бара и доследна примена и унапредување на АКМИС-системот за електронско управување со судските предмети, бидејќи токму транспарентното распределување на предметите е основен предуслов за независно судство.
„Нема напредок ниту во борбата против корупцијата, според Европската комисија таа станува доминантна во многу области и претставува предмет на сериозна загриженост. Јавното обвинителство треба да се зајакне кадровски во истражните центри и да ја подобри ефикасноста на работата во случаите на висока корупција. Клучни препораки за борба против корупција“, рече Филипче.
Филипче зборуваше и за корупцијата која, како што кажа, станува доминантна во многу области и претставува предмет на сериозна загриженост по што ги кажа и клучните препораки кои Европската комисија ги издвои и кои македонското законодавство треба да ги донесе.
„Донесување на нов кривичен закон за ефикасна борба против корупцијата. Подобрување на имплементацијата на антикорупциска стратегија, споредување на препораките на Греко и соодветна подготовка на нова антикорупциска стратегија, 2026-2030 години. Понатаму, доволно човечки финансиски ресурси на јавното обвинителство и сите негови структури“, рече претседателот на Националниот совет за евроинтеграции.
На крајот, Филипче оцени дека пораките од извештајот се јасни и алармантни и тие кажуваат дека реформите за нашата држава се блокирани. Со ова, тој уште еднаш ги повика институциите да престанат со политички влијанија и да почнат со реални, суштински реформи во интерес на граѓаните и европската иднина на државата.
Македонија
Ќе се гласа на 11 јануари: Гаши го потпиша актот за одржување на повторените избори за градоначалници во четирите општини
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска го потпиша актот за одржување на локалните избори за четирите општини Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.
„Во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, денес го потпишав актот за одржување повторени избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша, како и Центар Жупа. Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство.
Со стапувањето во сила на овој акт надлежните институции почнуваат со спроведување на законските рокови и процедури. Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации, да постапуваат совесно, транспарентно и професионално“.
Гаши ги повика сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат, како што вели, мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности.
„Исто така, им се обраќам на граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да учествуваат на гласањето. Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет.
Собранието останува посветено на редовните демократски процеси и на консолидирањето на институциите на државата“.

