Свет
Унгарија прими мигранти од Венецуела
Унгарија прими стотина бегалци од унгарско потекло кои бегаат од кризата во Венецуела, во согласност со владината програма што ја вклучува локалната хуманитарна организација, пренесе порталот „Индех.ху“.
Како што наведува медиумот, Унгарија почна програма пред речиси една година со помош на малтешката хуманитарна организација, која организираше трансфер на баратели на азил од Венецуела во Унгарија.
Портпаролот на организацијата во Унгарија одби да го коментира случајот поради безбедност на тие мигранти.
Од Владата велат дека не постои контрадикција меѓу долгогодишниот политички активизам на премиерот Виктор Орбан против масовната миграција во Европа и венецуелската програма поради примените бегалци од унгарско потекло.
„Зборуваме за Унгарци, а Унгарците не ги сметаме за мигранти“, рекол шефот на кабинетот на Орбан.
„Индех.ху“ пишува дека Унгарија обезбедила авионски билети, сместување, курс по унгарски јазик и култура, како и документи за вработување. Унгарија досега примила околу 300 луѓе. Тие прво се сместени во хотели надвор од градот, а некои од нив веќе успеале да најдат работа.
Околу 5 000 Унгарци мигрирале во Венецуела, поголем дел по Втората светска војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.

