Македонија
Бараме јавен обвинител на предлог на опозицијата кој вистински ќе се бори против неправдата, криминалот и корупцијата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ најостро го осудува монтираниот политички процес во кој се кршат закони, покренуваат истраги, одземаат имунитети на пратеници. Брутално се гази демократијата, се кршат процедурите. Имаме беззаконие под плаштот и маската на наводно законие. Вистински деспотизам, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„За само неколку месеци во ова Собрание се спроведуваат 7 постапки за одземање на имунитет на пратеници и уште едно кое е во најава. Сите пратеници доаѓаат од опозицијата. Ова не може да се сфати никако поинаку освен за политичка пресметка со опозицијата. Се обвинуваат пратеници за измислени дела, за тешко дело тероризам кое во реалноста не постои. И ова се прави во пресрет на претседателски избори и тука е јасна намерата. Не е тука желбата да се стигне до правдата тука е желбата да се пресмета со опозицијата, затоа што знаат дека губат, драстично ја губат поддршката од народот и на овој начин ги прикриваат сите криминални и коруптивни афери. Ова е паничен потег, чекор на страв од пораз“, рече Мицевски.
Според него, правото и правната држава се газат и обликуваат според оние кои раководат со власта. Неправдата, вели тој, не смее да остане неказнета, а криминалните афери се редат.
„Ако сакаат правна држава и владеење на правото, еве пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За подобра Македонија’ бараат државен јавен обвинител на предлог на опозицијата, што и беше ветување на самата власт“, рече Мицевски.
Тој нагласи дека во една ваква недемократска атмосфера, која директно го руши и предизборниот амбиент, пратеничката група нема да ги поддржи системските процеси и законите додека власта не се согласи на јавен обвинител на предлог на опозицијата за испитување на сите криминални и корупциски афери.
„Бараме јавен обвинител на предлог на опозицијата кој вистински ќе се бори против неправдата, криминалот и корупцијата. Еве им шанса да докажат за каква Македонија се борат. Ваков предлог поднесовме во јули 2017 година. И ваков предлог пред парламентарните избори имаше и сегашната власт. Имаме директно рушење на предизборниот амбиент. Делувањето на власта претставува директна закана за легитимноста на изборите“, истакна Мицевски.
Денешното образложение за приведувањето на Велјановски, Јанакиески и Ристоски, според Мицевски е бедно и недостојно за која било држава во која што би требало да владее правото и правдата. Според него, срамно е да се притворат луѓе без ниту еден аргумент, со образложение дека доказите не смееле да се кажат заради истрагата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училиштата

Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени, велат од МОН.
„Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан. Сегашното раководство системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“.
Најавуваат дека обновата на наставните програми и на учебниците ќе продолжи и во следниот период, затоа што, како што велат, тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“.
Македонија
18 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на штетни честички во воздухот: Европската зелена партија со поддршка за ДОМ

Европската зелена партија испрати јасна порака за поддршка на зелената партија ДОМ, истакнувајќи ја итната потреба од одлучни политики за чист воздух и одржливо управување со отпадот во Македонија, соопшти ДОМ.
Во својата објава, Европската зелена партија посочува дека речиси 18% од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на изложеност на штетни честички во воздухот. Лошото управување со отпадот предизвикува пожари и токсичен чад, што ја зголемува загриженоста кај населението.
„Како одговор, граѓаните излегоа на улица, барајќи чист воздух и безбедно управување со отпадот. Властите и локалните претставници мора да дејствуваат за да ги заштитат своите граѓани“, стои во реакцијата на Европската зелена партија.
Од ДОМ велат дека е нагласена поддршката за барањата на оваа партија за национален план за управување со отпад, современи мерни станици за квалитет на воздухот и итен мораториум на дивите депонии.
„Со оваа поддршка, зелената партија ДОМ ја зацврстува својата улога како автентичен глас за зелена иднина на Македонија и како дел од европското семејство на зелени партии. Во пресрет на локалните избори, зелената партија ДОМ заедно со граѓанските и политичките партнери во „Коалицијата за зелена иднина“ ќе продолжи да се бори за здрав воздух, чиста животна средина и фер управување со јавните ресурси – вредности што се темел на европска Македонија“.
Македонија
Утре со ведро и посвежо утро, преку денот сончево

Утре ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во наредните денови следува период на сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст. Особено топло ќе биде во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица.