Македонија
Управата за извршување санкции со нови детали за инцидентите во затворот во Шуто Оризари
Управата за извршување санкции десетина дена по инцидентот што се случи во Истражниот затвор „Скопје“, во кој учествуваа и поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, излезе со нови детали за настаните. По разговорите со вработените и директорот на затворот, биле изготвени препораки за зајакнување на безбедноста, а ќе се бара и одговорност од повеќемина инволвирани во настанот. Повеќе детали за безбедносните процедури не се наведуваат поради опасност од безбедносен ризик, наведуваат од Управата.
Во меѓувреме е обезбедена целосна документација: службени белешки, изјави од службени лица од КПУ „Затвор Скопје“ и припадници на затворската полиција, медицински известувања и снимки од камерите во ходниците и шеталиштата, каде што се случиле инцидентите, а бил извршен и разговор со директорот на КПУ „Затвор Скопје“. Службените лица не разговарале со притворените поради фактот што тие се наоѓаат на издржување на мерката притвор, а во согласност со член 180 од Законот за кривичната постапка, надзор над притвореници-е врши претседателот на надлежниот првостепен суд.
Според сознанијата добиени од службените лица од затворот во Шуто Оризари, Јанакиески и Ристовски биле примени на издржување на мерката притвор на 20 февруари во 22 часот по што биле сместени во притворските простории.
„Во согласност со процената на сите параметри што се однесуваат на ризикот при сместувањето на лицата во притворот, заповедникот заклучил дека овие притворени лица нема да имаат никакви проблеми во просториите во кои се сместени. Претходно, притворениот М.Ј. бил сместен во просторија што на шеталиштето се среќавала со просторија во која престојувало едно лице осудено во кривичниот предмет „Диво Насеље“ и во текот на претходно изречениот притвор немало никаков проблем во текот на нивните средби“, наведуваат од Управата.
Првиот настан се случил околу 11.10 часот – инволвираните во инцидентот биле спречени и разделени и од другите притвореници и од страна на затворската полиција. Спиро Ристовски побарал средба со својот адвокат и одбил да биде однесен на преглед во болница. Во 14.12 часот се случува вториот инцидент, но овој пат другите притвореници не реагирале и не помогнале да прекине инцидентот, туку стоеле настрана. Инцидентот бил веднаш прекинат од страна на затворската полиција.
„За овој настан има изјави од инволвираните што имаат спротивставени тврдења за тоа кој го почнал вербалниот инцидент“, велат од Управата.
По разгледувањето на извештајот од КПУ „Затвор Скопје“, Управата изготви сопствен записник од извршениот вондреден стручно-инструкторски надзор во КПУ „Затвор Скопје“, во кој се наведени согледувањата на УИС во врска со инцидентите од 21 февруари.
„Во извештајот на КПУ ‘Затвор Скопје’, како и записникот на УИС, опишани се безбедносните процедури на КПУ ‘Затвор Скопје’, кои не може да се споделат јавно поради опасност од безбедносен ризик, како и елементи што може да бидат дел од натамошна постапка од други државни органи поради што не може да бидат интегрално пренесени во јавноста“, соопшти Управата.
До директорот на затворот се доставени препораки, кој во моментот е во оставка, која ќе биде констатирана по завршувањето на претседателските избори, односно во моментот кога ќе може да биде назначен нов директор.
Во овие препораки Управата бара да има соодветна одговорност за сите оние службени лица од затворот што допуштиле вакво сценарио. „Одговорност мора да има, а според нашите сознанија, во КПУ ‘Затвор Скопје’ веќе се почнати постапки на поведување дисциплинска одговорност. Дадени се препораки и за дополнително зголемување на безбедноста на затворот, со тоа што отсега секоја просторија за престој ќе биде сама на шеталиштето со дополнително присуство на службено лице“, додаваат од Управата.
Како што дознаваме, Управата препорачува редовните прошетки на затворениците да се спроведуваат во помали групи – по двајца или четворица притвореници што делат иста соба. Во иднина на дневните прошетки не ќе може во исто време да бидат изнесувани притвореници од други соби, а за време на прошетката ќе биде задолжително со нив да има и некој од затворските чувари. Доколку нема услови за придружба, притворените лица не ќе смее да ја напуштат собата во притворскиот дел на истражниот затвор во Шуто Оризари.
Инцидентите се случија пред една недела за време на прошетката во затворот, која трае два часа во денот. Јанакиески и Ристовски во одделни инциденти првин почнале вербална расправија со осуденици за „Диво Насеље“, која потоа преминала во физичка пресметка.
По настаните, Ристовски е сместен во т.н. хашка соба, а Јанакиески е пуштен во домашен притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.
Македонија
(Видео) Лукаревска: Владата предлага ново задолжување од 20 милиони евра без информации за каматата
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска изјави дека Владата во Собранието поднела Предлог-закон за ново задолжување од 20 милиони евра, наменето за изградба на фискултурни сали, без да достави информации за висината на каматната стапка.
Лукаревска оцени дека државата се наоѓа во финансиски тешка состојба и дека задолжувањето, според неа, оди во опасна насока. Таа посочи дека нема средства за зголемување на платите, за минимална плата од 600 евра и за нови мерки за поддршка на животниот стандард на граѓаните, додека, како што рече, секојдневно се реализираат милионски тендери кои ги добиваат исти фирми блиски до власта.
Според Лукаревска, во државниот буџет недостигаат околу една милијарда евра, а владата таа дупка ја пополнува со нови задолжувања кои, како што наведе, ќе ги отплаќаат идните генерации.
Таа потсети дека Владата веќе се задолжила со една милијарда евра од Унгарија, 660 милиони евра на домашниот пазар, како и 100 милиони евра преку државни обврзници во декември 2025 година, а најавено е и ново задолжување од шест милијарди евра.
Лукаревска се повика и на проекциите на Светската банка, според кои јавниот долг годинава ќе достигне 62,9 отсто од БДП, што, според неа, ја прави државата најзадолжена во Западен Балкан.
Пратеничката на СДСМ порача дека нивните пратеници ќе се спротивстават на ова и на секое идно задолжување, повикувајќи ја Владата да го повлече предлогот, да ги намали трошоците и задолжувањето и да обезбеди средства за граѓаните.

