Топ
Притвор за осомничениот за убиството во Тетово

Основниот суд во Тетово му определи 30-дневен притвор на осомничeниот за убиството што се случи синоќа во Тетово.
Л.Д. (46) е осомничен за кривични дела убиство и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје.
„Убиството се случило откако на маса во објект ул. 29 Ноември во Тетово заедно седеле пет лица и пиеле алкохол. Во еден момент, сторителот извадил пиштол, го репетирал и испукал проектил во едно од лицата. При тоа му нанел смртоносни повреди од кои лицето починало на лице место. Останатите три лица кои беа задржани во полициска станица непосредно по инцидентот, се сведоци на настанот“, соопштија од тетовското oбвинителствo.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Родителите на децата загинати во пожарот во Кочани: Живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца

Обвинители, дали нашиот молк, тишината и тагата по нашите деца, кои се убиени, ви даде право да ослободите лица кои беа во притвор, а се соучесници во убиството на нашите деца, прашаа родителите на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ пред почетокот на денешниот трет протестен марш „Задоцнета реакција“ што се одржа во Кочани.
Точно во 12 часот и 5 минути учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата кон Трговскиот центар и кон општинската зграда, а оттаму кон полициската станица, Судот и Обвинителството во Кочани.
Нѐ прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, какво е чувството да знаеш дека детето никогаш повеќе нема да се врати дома, да ги видиш неговите убави очи, неговата убава насмевка, да го слушнеш како се смее, да дочекаш уште еден Велигден со него. Живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца, да им раскажеме колку тие недостигаат дома, вели Јулија Златкова, чиј син настрада во пожарот.
Вели дека протестите ќе продолжат се додека не биде задоволена правдата.
– Ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до наш последен здив ќе ја бараме правдата за сите починати и повредените на 16. март, бидејќи ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што ја злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит. Нашите деца ги нема, но правдата мора да излезе на виделина, рече Златкова.
Пред општинската зграда родителите порачаа дека будно ќе ја следат работата на надлежните инспекциски служби, а в.д. градоначалникот Венко Крстевски им даде целосна поддршка истакнувајќи дека нема да бидат осамени во барањето правда, затоа што, како што рече, сите заеднички треба да го променат системот што е нефункционален.
На собирот пред Полициската станица семејствата на настраданите прашаа зошто полициските службеници кои последни беа вклучени во истрагата на Обвинителството се пуштени дома.
Тагата и револтот, родителите на загинатите во трагичниот пожар ги искажаа и пред Судот и Обвинителството, секој одделно споменувајќи го името на своето дете и плановите што ги имале за во иднина.
Протестниот марш заврши во Паркот на револуцијата, а присутните најавија дека ќе се одржува секоја сабота сѐ додека не ја добијат бараната правда за своите најблиски.
Топ
Деветнаесетгодишно момче загина откако со БМВ излета од пат

Момче на 19-годишна возраст од село Миравци, загина утрово околу четири часот кога со автомобил БМВ, што го управувало, излетало од коловозот на регионалниот пат меѓу селата Миравци и Давидово, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи – Струмица.
Во соопштението се наведува дека момчето починало на местото на несреќата, а смрт констатирал лекар на Итната медицинска помош.
Бил извршен увид од јавен обвинител и увидна екипа од ОВР – Гевгелија, а по наредба на јавен обвинител, телото на момчето е дадено на обдукција.
Топ
МВР го објави идентитетот на загинатите во тешката сообраќајка

На 18.04.2025 во 20.40 часот во ОВР Кичево e пријавено дека на магистралниот пат Кичево-Гостивар, кај место викано „Сеферов бунар“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од З.Д.(64) од Битола, патничко возило „форд“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од А.Р.(63) од село Горно Страгомиште, кичевско и патничко возило „опел“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од Х.Е.(38) од Гостивар.
„На местото на настанот починале возачите З.Д. и Х.Е., а сопатничката од патничкото возило „опел“ Б.Е.(38) од Гостивар, била пренесена во Медицинскиот центар Кичево, каде починала. Од страна на лекар констатирана била смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се предадени за обдукција. Во несреќата со телесни повреди се здобиле возачот А.Р. и неговата сопатничка А.А.(67) од село Колари, кичевско, сопатникот од возилото „мерцедес“ Д.С.(37) од Кичево и сопатниците од патничкото возило „опел“- тројца малолетници од Гостивар и Р.Е.(60) од селото Шутово, кичевско, констатирани во медицински установи во Кичево и Скопје“, велат од МВР.
На местото на несреќата извршен е увид.