Свет
На аеродром запленети 1.500 живи желки вредни над 80 илјади долари

Филипинската полиција на аеродромот во Манила заплени повеќе од 1.500 живи желки завиткани во леплива лента, објави Би-би-си.
Се верува дека желките, кои биле пронајдени во четири куфери, може да се продадат за повеќе од четири милиони пезоси (над 80 илјади долари).
Полицијата соопшти дека вреќите со желки биле оставени на аеродромот откако шверцерите дознале колкави се казните за нелегална трговија со диви животни. Ако бидат уапсени, шверцерите ќе добијат затворска казна од две години и парична глоба до 200 000 пезоси (околу 4 илјади долари).
Вкупно биле пронајдени 1.529 желки од различни видови. Меѓу нив е и Sulcata Tortoises, која е на листата на загрозени видови. Желките биле пронајдени на аеродромот, во четири куфери што никој не ги подигнал.
Од царината појаснуваат дека желките биле оставени од патник кој пристигнал од Хонг Конг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Рубио: И Русија и Украина ќе мора да попуштат

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во Брисел, американскиот државен секретар Марко Рубио даде интервју во Соединетите Американски Држави, коментирајќи ги резултатите од неодамнешниот самит меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
Рубио, кој учествуваше на самитот заедно со Трамп, рече дека и Русија и Украина ќе мора да направат отстапки ако сакаат да постигнат мировен договор.
„Двете страни сакаат работи што нема да можат да ги добијат“, рече Рубио. „Можеби дури и не е можно Соединетите Американски Држави да создадат сценарио што би ја завршило војната во Украина“.
Сепак, тој нагласи дека мора да се разговара за безбедносните гаранции за Украина, што го смета за клучен елемент на секој можен договор.
Додаде и дека американската администрација забележала доволен напредок за да го оправда продолжувањето на разговорите со Зеленски.
Свет
Фон дер Лајен: Украина мора да има неограничена воена поддршка и безбедносни гаранции

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека не смее да има ограничувања за украинската армија или странската воена помош.
„Не смее да има ограничувања за украинските вооружени сили, без разлика дали станува збор за соработка со трети земји или за помош од трети земји“, рече фон дер Лајен пред состанокот на европските лидери и самитот во Вашингтон во понеделник, на кој ќе се разговара за евентуален мировен договор меѓу Украина и Русија.
„Како што често велам, Украина мора да стане железна брана, непробојна за евентуални напаѓачи“, рече шефицата на Комисијата на прес-конференција во Брисел, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фон дер Лајен го пофали предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да ѝ понуди на Украина безбедносни гаранции инспирирани од НАТО.
„Ја поздравуваме волјата на претседателот Трамп да обезбеди безбедносни гаранции на Украина, слични на Член 5“, рече таа, додавајќи дека Украина мора да има можност да го зачува својот територијален интегритет.
Фон дер Лајен рече дека терминот „прекин на огнот“ е помалку важен од потребата да се запре убивањето.
„Важен е перформансот. А перформансот мора да биде да се запре убивањето“, рече таа. „Затоа, не е важен изразот, туку содржината. Важно е трилатералниот состанок на претседателите на Украина, САД и Русија да се одржи што е можно поскоро“, истакна шефицата на Европската комисија, во изјава пред најавената видеоконференција на коалицијата на добронамерните.
Свет
Америка ѝ нуди на Украина заштита слична на НАТО, Путин, наводно, се согласил

Американскиот претставник Стив Виткоф изјави во интервју за „Си-ен-ен“ дека рускиот претседател Владимир Путин за прв пат се согласил да вклучи клаузула за колективна одбрана во потенцијален мировен договор за Украина.
Зборувајќи во емисијата „Состојбата на Унијата“, Виткоф појасни дека договорот е замислен како заобиколување на црвената линија на Русија – членството на Украина во НАТО. Наместо формално да се приклучат на Алијансата, САД и европските земји ќе понудат безбедносни гаранции со формулацијата „слична на Член 5“, која ги обврзува сите членки на меѓусебна одбрана.
„Се согласивме дека Соединетите Американски Држави и другите европски земји би можеле да понудат формулација слична на Член 5 како дел од безбедносната гаранција“, рече Виткоф. Тој додаде дека Путин јасно ставил до знаење дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо, но дека тие ги започнале преговорите од претпоставката дека Украинците можат да се согласат на алтернатива.
„Сè зависи од тоа со што можат да живеат Украинците. Но, почнувајќи од тоа, успеавме да ја добиеме оваа отстапка – дека САД можат да понудат заштита слична на Член 5“, рече тој.
Виткоф нагласи дека ова е „прв пат да слушнеме дека Русите се согласиле“ на таква клаузула во кој било мировен договор.
Досега, ниту рускиот претседател ниту други функционери јавно не коментирале за толкувањето на преговорите од страна на администрацијата на Трамп.