Македонија
Пцости и клевети на рочиштето за „шлаканиците во Центар“, се гледаат снимки од протестот во 2013 година

Судењето за предметот „Насилство во општина Центар“ денеска продолжи во доказна постапка со презентирање на видеоснимките од медиумите кои биле присутни на 7 и 10 јуни 2013 година во просториите на општината пред која неколку стотици граѓани протестираа против точката на дневниот ред на Советот на општината, поништување на деталниот урбанистички план „Мал ринг“. Една од причините поради бунтот на граѓаните е тоа што во јавноста беше пласирана информацијата дека со поништување на ДУП-от ќе биде срушена и црквата Св. Константин и Елена.
На вознемирувачки снимки од нападнатата барака во општина Центар се слуша како толпата извикува погрдни зборови за тогашниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, како и за советниците од тогашната опозициска СДСМ. На снимките се гледа и како дел од граѓаните удираат по прозорците на општината, со цел седницата на Советот да биде прекината.
„Каде ќе ти оди душата, на тој свет таму. Има едно место за тебе, до Борис Трајковски таму ќе ти дадам јас. Ќе ти купам сандак и на тие околу тебе. Ќе рушиш црква, ќе ти го рушам мозокот да знаеш, антихрист, антифашист, арамијо“, се слуша од снимките во судницата во Кривичниот суд.
Во судницата се прикажуваат и снимки од надвор на кои се гледаат сите обвинети и нивното насилно брутално однесување. На снимките се гледа дека неколкуте полицајци не реагираат додека бараката, градоначалникот и советниците се под опсада.
За случајот „Насилство во Центар“ првообвинет е експремиерот Никола Груевски заедно со поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелната пратненичка од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.
Според обвинението на 1 јуни 2013 година Груевски тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ преку министерот Јанакиески ги поттикнал останатите обвинети во случајот во група со повеќе лица да извршат грубо насилство спрема тогашниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, како и спрема советниците од советничката група на општина Центар од редовите на коалицијата предводена од СДСМ.
Како што стои во обвинението, Груевски во телефонски разговор со второобвинетиот Миле Јанакиески воден на ден 01 јуни 2013 година во 20:57:33 часот со времетраење од 4 минути и 4 секунди побарал второобвинетиот да организира да се собере група членови на партијата и да се изврши грубо насилство врз градоначалникот на Центар. Според обвинението, Јанакиески го прифатил тоа по што дал насоки на хиерархиските подредени лица во партијата ги известат сопартијците дека седницата ќе се одржи на 7 јуни, па преку насилен протест да го одложат стопирањето на деталниот урбанистички план „Мал ринг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево време, попладне со услови за краткотраен пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност.
Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 29 до 37 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Максималната температура ќе достигне до 36 степени.
Македонија
ПРП терапијата за пациентите од пожарот во „Пулс“ е достапна во Кочани, нема да мора да патуваат до Скопје

Десет лица повредени во трагедијата во „Пулс“, за првпат во болницата во Кочани, биле третирани со ПРП терапија (плазма збогатена со тромбоцити), соопшти вечерва директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Интервенциите ги извел тим од болницата „Св. Наум Охридски“ од Скопје. Претходно 9 лица беа третирани од Клиниката за пластична хирургија Скопје.
„Ова е голем чекор напред – ПРП терапијата сега е достапна во Кочани, без потреба од патување до Скопје!“, напиша Клековски на социјалните мрежи.
ПРП е иновативна метода што користи плазма од сопствената крв за да го забрза заздравувањето на оштетената кожа.
Македонија
Филипче: Скопје е затрупано со ѓубре, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го држат градот во заложништво

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се обрати пред членовите на градската организација на партијата во Скопје и ги критикуваше локалните и централните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче рече дека она што се случува во Скопје е најеклатантен пример на неспособноста, негрижата и корупцијата на власта.
Филипче рече дека пропаста на Скопје е директна последица на пропаднатите зделки меѓу Мицкоски и Арсовска, на блокадите од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на политичката калкулација на Владата која, и покрај тоа што има механизми, свесно го остава градот да се распаѓа.
„Скопјани не смеат да заборават дека Скопје тоне четири години заради пропаднатите бизнис зделки на Мицкоски со Арсовска. ВМРО-ДПМНЕ го држи Скопје во заложништво. Нивните функционери и советници од градот четири години немаат друга работа освен да попречуваат, блокираат и се расправаат со Арсовска. Скопје е најдобар пример за тоа како владее ВМРО-ДПМНЕ, со прст не мрдаат ако од тоа немаат личен и политички интерес. За ова треба да бидат казнети на локалните избори“, истакна Филипче.
Тој се осврна и на Трајко Славески, за кој рече дека како претседавач со Советот, не придонел со ништо за Скопје, но сепак бил награден од ВМРО-ДПМНЕ со функцијата гувернер на Народната банка.