Македонија
Јанакиески за протестите пред општина Центар: Ова е нула во споредба со шарената револуција
Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, обвинет во предметот „Насилство во Центар“, на рочиштето за случајот на самиот почеток од емитувањето на снимките од протестите искоментира дека истите се нула во споредба со шарената револуција во која граѓаните секојдневно фрлаа со боја по државните институции, но каде имаше и конфликтни ситуации со полицијата по скопските улици.
Судењето за предметот „Насилство во општина Центар“ продолжи во доказна постапка со презентирање на виде снимките од медиумите кои биле присутни на 7 и 10 јуни 2013 година во просториите на Општината, пред која неколку стотици граѓани протестираа против точката на дневниот ред на Советот на општината, поништување на деталниот урбанистички план „Мал ринг“.Една од причините поради бунтот на граѓаните е тоа што во јавноста беше пласирана информацијата дека со поништување на ДУП-от ќе биде срушена и црквата Св. Константин и Елена.
За случајот „Насилство во Центар“ првообвинет е експремиерот Никола Груевски заедно со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.
Според обвинението на 1 јуни 2013 година Груевски, тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, преку министерот Јанакиески ги поттикнал останатите обвинети во случајот, во група со повеќе лица да извршат грубо насилство спрема тогашниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, како и спрема советниците од советничката група на Општина Центар, од редовите на коалицијата предводена од СДСМ.
Како што стои во обвинението, Груевски во телефонски разговор со второобвинетиот Миле Јанакиески воден на 1 јуни 2013 година во 20:57:33 часот со времетраење од 4 минути и 4 секунди побарал второобвинетиот да организира да се собере група членови на партијата и да се изврши грубо насилство врз градоначалникот на Центар. Според обвинението, Јанакиески го прифатил тоа по што дал насоки на хиерархиските подредени лица во партијата ги известат сопартијците дека седницата ќе се одржи на 7 јуни, па преку насилен протест да го одложат стопирањето на деталниот урбанистички план „Мал ринг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

