Македонија
Не дојдоа адвокатите на ВМРО-ДПМНЕ и на Илија Димовски – судијата ги опомена дека нема да толерира нови одлагања

Поради отсуство на адвокатите на ВМРО-ДПМНЕ, Дончо Наков, и адвокатот на Илија Димовски, Петат Василев, повторно, по вторпат беше одложено судењето за случајот „Талир” на СЈО. Судијата го добил поднесокот од адвокатот Василев, 15 минути пред почетокот на судењето во кое пишува дека ќе оди на патување во странство.
Адвокатот Донче Наков, кој е бранител на ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не се појави на судењето. Судијата Осман Шабани ги опомена обвинетите и нивните адвокати дека еднаш поради отсуство на Илија Димовски дозволил одлагање, но тоа понатаму нема да го дозволува.
„Во иднина тоа нема да го толерирам”, рече Шабани, кој само ги опомена и не ги казни адвокатите за неприсуство.
Следните рочишта се закажани за 2 и 16 април. Во предметот „Талир“ обвинети се поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, бегалецот Никола Груевски, ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, која лани призна вина и доби условна казна.
СЈО тврди дека обвинетите незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра во готовина, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на различни имиња. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.