Македонија
Силјановска: Нема просперитет ако нема правна држава

Кандидатот за претседател, Гордана Силјановска Давкова денеска оствари средба со граѓаните на Општина Аеродром. Таа на средбата истакна дека економијата која е најзначајна за граѓаните, но за жал економските индикатори покажуваат дека има големо намалување на извозот, на продуктивноста и производството.
Според Силјановска, основен предуслов за функционална економија е правото и правна држава, и се додека не се воспостави тоа во Република Македонија нема да има развој и просперитет.
„Економијата е најзначајна за македонските граѓани. За жал економските индикатори покажуваат дека имаме намалување на извозот, намалување на продуктивноста и производството, зголемена зависност од други земји. Зголемените даноци ги земаат првите жртви, даночна евазија и помала наплата на даноците. Тоа има ефект врз сите нас, врз овие пазарџии, врз градежните работници, врз услужниот сектор, а доколку трендот продолжи ќе има влијание на квалитетот на услугите во образование, здравство, социјална заштита, кои државата ги обезбедува. Основниот предуслов за функционална економија е право и правна држава. Се додека не го воспоставиме нема да имаме развој и просперитет“, вели Силјановска Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Рашче има приведени поради пукање на свадба

Две лица беа приведени вчера во скопското село Рашче поради пукање на семејна веселба.
„Околу 22 часот во СВР Скопје е пријавено дека се слушаат истрели во селото, по што веднаш се преземени соодветни мерки и активности и утврдено е дека Е.К. и Б.К. со гасни пиштоли пукале на свадба“, соопшти МВР.
Тие се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ и натаму бара оставка од обвинителот Коцевски

ВМРО-ДПМНЕ и денеска упати јавен повик до обвинителот, Љупчо Коцевски, да си поднесе оставка поради, како што велат, компромитирање на независноста на Обвинителството. Партијата го обвинува Коцевски дека ја претворил обвинителската функција во партиски сервис на СДСМ и ДУИ, со што, според нив, ја довел правдата во заложништво на политичките интереси.
Во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека со негласањето на интерпелацијата во Собранието, СДСМ ја покажало својата поддршка за Коцевски како чувар на нивните функционери од кривична одговорност.
Партијата посочува дека довербата во обвинителот е падната под 2 проценти и дека тој, и покрај изгласаниот притисок и интерпелацијата, одбива да поднесе оставка.
Македонија
Царините на Трамп стапија во сила, стапката за Македонија е 15 отсто, како и за земјите од ЕУ

Царините на американскиот претседател Доналд Трамп за увоз од десетици земји, кои се движат од 10 до 50 проценти, стапија ВО сила и ја ставија на тест стратегијата на републиканците за намалување на трговскиот дефицит.
Царинската и граничната заштита на САД (CBP) започна со собирање повеќе царини во 00:01 часот по источно време, по недели неизвесност околу конечниот процент на мерките на Трамп и забрзаните преговори со земјите од целиот свет кои сакаа да ги намалат.
Основен процент од 10 проценти претходно беше воведен за увоз од многу земји откако Трамп ги паузираше повисоките царини објавени на почетокот на април. Но, американскиот претседател оттогаш често ги менуваше своите планови, па затоа воведе повисоки стапки за некои земји.
Ова вклучува 50 проценти увоз од Бразил, 39 проценти од Швајцарија, 35 проценти од Канада, Србија, и 25 проценти од Индија. Во среда, тој објави дополнителна царина од 25 проценти за увозот на руски енергетски производи од Индија, која ќе стапи во сила за 20 дена.
Во пресрет на стартот на царините, Трамп зборуваше за милијарди долари што ќе се влеат во САД, главно од земји за кои тврди дека ги искористиле САД.
Осум големи трговски партнери кои сочинуваат 40 проценти од трговијата со САД постигнаа рамковни договори со Вашингтон, вклучувајќи ја Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја. Тие обезбедија основна каматна стапка од 15 проценти. Велика Британија се согласи на 10 проценти, а Виетнам, Индонезија и Филипините помеѓу 19 и 20 проценти. Стапката за Македонија, како што претходно беше објавено, изнесува 15 проценти.