Македонија
СЈО четири рочишта по ред изведува докази за лажни лични карти изработени за изборите во 2013
Сo изведување материјални докази денеска продолжи судењето за изборни нерегуларности „Титаник“. Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, пред судечкиот совет во кривичниот суд ги презентира доказите за случајот, изработени лични карти, барања за издавање лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и други документи.
За еден од главните организатори за изработка на лажни лични карти обвинет е разузнавачот Мунир Пепиќ, кој во 2013 година работел во Полициската станица Беко, каде што и се издавала личната документација. Според обвинението, личните карти биле изработувани по налог на тогашни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ за потребите на партијата за локалните избори во 2013 година.
Ова е четврто рочиште на кое Обвинителството ги презентира материјалните докази. Од вкупно 5 илјади, досега изведени се повеќе од 2.100 материјални докази. Претходно, во оваа фаза од постапката Обвинителството на повеќе од 10 рочишта како доказен материјал презентира телефонски разговори и СМС-пораки кои произлегуваат од нелегално прислушуваните разговори што беа предадени на СЈО од страна на поранешната опозиција предводена од актуелниот премиер Зоран Заев.
Во разговорите и СМС-пораките, кои беа презентирани во судницата, најчесто се споменуваше и се слушаше гласот на обвинетиот ексминистер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Истрагата за предметот со кодно име „Титаник“ беше отворена на 12 февруари 2016 година, а на 30 јуни 2017 година е поднесен обвинителен акт против 21 лице, меѓу кои експремиерот Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, ексминистрите Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, како и Билјана Бришковска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешовиќ и Ленка Рашајковска.
На обвинетите им се ставаат на товар делата злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата и определување на избирачите, поткуп при избор и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Прокисна инвестицијата од 350 милиони евра, со кофи се собира дождовница во трговскиот центар„Дајмонд“
Со кофи вечерва се собираше вода дождовница на последниот кат од трговскиот центар „Дајмонд“„
Центарот чија проектна вредност како што беше најавено при неговото отворање достигнува 350 милиони евра и нуди вработувања за над илјада лица од разни сектори попушти по вечерашниот дожд кој во попладневните часови го зафати главниот град.
Одговорните своевремено преку него најавија инвестиција од која ќе живне економијата и ќе се отворат нови работни места.
Македонија
Мицкоски од Србија: Овa е доказ за моќта на соработката, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител
Премиерот Христијан Мицкоски од саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Србија, истакна дека настанот е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што земјите ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција.
Регионалната иницијатива, според него, создава можности што го поврзуваат регионот со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака.
„Горд сум што денеска, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија, која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена. Во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот, меѓу количината и квалитетот на произведеното вино. Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со три проценти од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител“, нагласи Мицкоски.
Изрази уверување дека настанот нема само да ја зајакне нашата винска индустрија, туку дека ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.
Саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки. Дозволете ми да се заблагодарам на домаќините и организаторите, кои вложија голем труд за да го направат овој настан успешен и да го промовираат Балканот како регион на квалитет, креативност и потенцијал. Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина“, кажа Мицкоски.
Македонија
Магла на патот с.Лисец – Попова Шапка, сообраќајот се одвива по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 40 – 50м. има на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.