Економија
91 милион денари на располагање за набавка на педигриран приплоден добиток
Преку програмата за рурален развој на располагање се нови 91 милион денари за набавка на приплоден добиток, односно педигрирани машки и женски приплодни кози, високостелни педегрирани јуници (со исклучок на расата буша), педигрирани машки и женски приплодни овци од увоз или од признати организации, соопшти директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Тој посочи дека претходно за оваа мерка на располагање беа само 14 милиони денари. Со оваа драстично зголемување на средствата, како што истакна Бабовски, даваме стимул за развој на сточарството во земјава.
Сите заинтересирани ќе може да достават барања за добивање финансиска поддршка до 11 април.
„Новина е тоа што од овој повик сите баратели првин треба да достават барање за користење средства по склучувањето договор, да ја почнат реализацијата на инвестицијата. Претходно, првин се набавуваше приплоден добиток, па потоа се бараше поврат на средствата. Со оваа новина, која е по барање на фармерите, покажуваме дека навистина се грижиме за сточарството и за зголемување на добиточниот фонд“, истакна Бабовски.
Право на користење средства имаат следните субјекти: земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во согласност со Законот за земјоделството и руралниот развој. Максималната вредност на прифатливи трошоци изнесува до 6.500.000 денари. Повратот на средства за оваа мерка се движи од 50 до 75 отсто од вкупната вредност на инвестицијата во зависност од тоа во какви услови се одгледуваат, дали носител на земјоделското стопанство е млад земјоделец или жена. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу 2 барања за разни мерки земајќи ги предвид и другите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година.
Бабовски информира и дека во согласност со измените на програмата за рурален развој барателите што биле корисници на финансиска поддршка за набавка на трактори преку ИПАРД-програмата и националните програми за финансиска поддршка на руралниот развој за претходните пет години не се прифатливи како корисници на оваа мерка.
Сите фармери што ќе сакаат да аплицираат за добивање средства преку оваа програма треба да креираат електронско барање за финансиска поддршка со податоци за локација на инвестицијата, податоци за инвестицијата и електронски да ги прикачат потребните документите предвидени за мерката 121, подмерка 121.1. Барателите што ги исполниле условите за користење средства за мерките 121 се рангираат со бодирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.