Македонија
Нема нови заразени со МРСА, основата за појава на бактеријата е нехигиена
Нема нови заразени со бактеријата МРСА, откако вчера Државниот санитарен и здравствен инспекторат потврди четири случаи на инфицирани со опасната бактерија во градинка во Чаир и во училиште во Бутел.
Епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје вели дека е во постојан контакт со Државниот санитарен и здравствен инспекторат каде што денес немало пријави за нови случаи. Караџовски објасни дека бактеријата може да предизвика инфекција на кожата и дека е опасна ако ја добијат новороденчиња.
„Може да се појават чирчиња на кожата кои потешко се лекуваат. Опасно би било да се добие МРСА кај штотуку родени бебиња. Тие имаат многу чувствителна кожа и ако имаат кожни промени може да дојде до тешко воспаление на кожата. Ако оваа бактерија ја има во грлото и носот во голема количина може да направи бронхит и воспаление на белите дробови, што тешко се лекуваат. Може да биде смртоносна ако се регистрира кај лица со нарушен имунитет и кај лица со други тешки заболувања“, објасни епидемиологот Караџовски.
Караџовски вели дека лицата инфицирани со оваа бактерија треба да бидат изолирани и да се лекуваат според антибиограмот. Лекувањето, тој вели, трае најмалку седум дена и не смее да се прекинува, а основа за нејзина појава е нехигиена.
„Ако рацете не се мијат честопати во текот на денот, со самото поздравување, чепкање и дување нос може, освен оваа бактерија, да се пренесат одредени количини други бактерии и вируси. Основата на сè е недоволната хигиена. Ако бактеријата се открие во болнички установи, се констатира дека условите на механичко чистење, дезинфекција и стерилизација на околината во која живеат и работат пациентите и персоналот не е на задоволително ниво“, вели Караџовски.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера извести дека и во градинката „Снежана“ во Чаир и во основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел, каде што се регистрирани инфицираните со МРСА, се преземени мерки за чистење и дезинфекција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: СДСМ има решение за 600 евра плата, помалку луксуз – поголеми плати за работниците
Стандардот на работниците практично е срозен изминатите две години. Соочени сме со ситуација во којашто владата на ВМРО и ЗНАМ ништо не направија за да платите имаат континуиран соодветен раст, за да може луѓето да излезат и да врзат крај со крај до крајот на месецот во услови кога цените неконтролирано растат, кога синдикалната кошничка надминува 66.000 денари, само за храна и пијалоци е потребно повеќе од третина, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Според него, барањето на протестот на Сојузот на синдикати за минимална плата е сосема на место, соодветно и се темели на реални потреби на работниците.
„Затоа го поднесовме законот за 600 евра минимална плата. По вторпат го поднесуваме законот, првиот пат беше на крајот на 2024-та година, тогаш власта го одби и тука на површина излегува континуитетот на нашите политики“, рече Филипче.
„Ќе го кажам и нашиот предлог како да се стигне до парите кои што се потребни за да се зголеми минималната плата и со тоа да се обезбеди достоинствен живот на работниците. Значи според законот којшто го поднесовме нашата пресметка затоа се потребни 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра. Вкупните буџетски расходи за 2026 година се планирани на рекордни 365,5 милијарди денари, што е историски највисоко ниво. А имајќи предвид дека не се прави ништо за доброто на работниците, очигледно е дека огромниот процент од овие пари ќе оди за комоција на власта и ништо друго. И за партизирање на администрацијата, односно вработување со договор на дело на партиски војници кои што секојдневно го гледаме во министерствата. Првата ставка категорија 42 од Буџетот, стоки и каде што се планирани 27,5 милијарди денари. И тука влегуваат патни дневни расходи тука влегуваат договорни услуги, репрезентации, ручеци, нови коли, мебел, комфор за функционерите од власта. Ако се скрати помеѓу 20-30 % од оваа категориј,а се стигнува до сума на пари од 5,5-8 милијарди денари односно 90 до 130 милиони евра. И веќе тука се задоволуваат потребите за зголемување на платите на работниците“, рече Филипче.
Понатаму, додаде тој, имајќи предвид дека со формираа нови министерства, дека тука кабинети се опремуваат се вработуваат повторно по партиски клуч луѓе, имаме категорија 46 – субвенции трансфери, ставка 464 разни трансфери којашто е тешка 22 милијарди денари од кои што со 20-тина проценти да се обезбедат кратење, да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра.
„Значи, во само две категории 46 и 42 може да се обезбедат помеѓу 130 или 205 милиони евра, сосема доволна сума на пари. Прво да се зголемат платите на работниците до 600 евра и одам чекор понатаму, да се излезе во пресрет на барањето и потребата на приватните компании да се субвенционираат придонесите за празните осигурувања со цел да и приватните компании ги зголемат платите на работниците без да имаат дополнителен терат во плаќање на придонесите. И тоа е нешто што мислам дека е сосем разумно .Мислам дека и на компаниите им е тоа потребно, без да се загрози нивната ликвидност. Со ова практично сметам дека е јасно дека нема простор за изговори. Ако владата сака тогаш ова кратење може да се направи само во овие две ставки на Буџетот. Нека дадат предлог за ребаланс веднаш ќе го поддржиме во Собранието. Не може да се планира пари само за луксузирање, за патување, а да нема пари за основните потреби на работниците.“, појасни Филипче.
Македонија
62-годишен маж од Тетово починал по компликации од грип, соопшти ИЈЗ
Минатата недела во периодот од 26 јануари до 1 февруари во Македонија е регистриран уште еден случај на починато лице по компликации од грип, соопшти Институтот за јавно здравје во неделниот извештај.
Лицето било хоспитализирано на инфективното одделение во Клиничката болница Тетово. Кај починатото лице било утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Лабораториски е потврдена Influenza А(H3), соопштија од Институтот.
Инаку во периодот од 26 јануари до 1 февруари во Македонија биле пријавени 1.498 случаи на групни пријави за заболени од грип или 12,3% помалку во споредба со претходната недела , кога биле 1.708. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со петтата недела од минатата сезона (3.036) е намален за 50,7%.
„Во однос на возраста, 866 лица се на возраст од 15-64 години, 247 се деца на возраст
од 5-14 години, 224 се лица на возраст над 65 години, 161 – деца на возраст од 0-4 години. Највисока инциденца ) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.
Заболените лица се пријавени од Скопје – 473, Прилеп – 146, Струмица – 139, Охрид – 99, Битола – 77, Штип – 70, Тетово – 63, Гевгелија – 61, Куманово – 59, Дебар – 43, Велес 36, а во Радовиш, Кичево, Кавадарци, Струга, Гостивар, Ресен, Неготино, Свети Николе, Кратово, Крушево, Виница, Демир Хисар, Пробиштип, Кочани, Македонски Брод, Пехчево, Валандово, бројот на заболени е помал од 30. Во Берово, Делчево и Крива Паланка нема пријавени заболени лица од грип и заболувања слични на грип. Во Охрид, Дебар, Гевгелија се бележи висока активност, средна активност се регистрира во осум центри, во 14 се бележи сезонска активност, додека во три единици се бележи многу ниска активност на вирусот на грип“, според ИЈЗ.
Македонија
Во следните 15 дена платете го данокот на имот за 2022, 2023, 2024 и 2025 година, апелира Ѓорѓиевски кој веќе блокираше 15.000 сметки за неплатен данок од 2021 година
Близу 20 милиони евра по основ данок на имот за изминатите четири години должат на Град Скопје граѓаните и компаниите. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски откога веќе блокираше 15.000 сметки на граѓани и компании за неплатен данок на имот за 2021 година со вкупен износ од 1,3 милиони евра, е решен да ги наплати наталожените ненаплатени даноци и од останатите години па денес повика граѓаните и фирмите во следните 15 дена да си го платат данокот.
„Апелирам до сите граѓани и компании во наредните 15 дена да ги подмират своите обврски по основ данок на имот за периодот 2022-2025 година. Станува збор за 95.562 физички лица и 2.335 правни субјекти кои вкупно му должат на Градот близу 20 милиони евра по овој основ. Тоа се средства кои ни се од клучно значење за инфраструктурата, јавните услуги и подобрување на квалитетот на живот во нашиот град“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски со објаснување дека ред мора да има и оти секој денар уплатен во буџетот на Градот значи повеќе проекти и подобар град за сите.
Ѓорѓиевски се пофали дека за само два месеци тој и неговиот тим успеале да намалат повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, паралелно почнале со, како што рече, „најмногу капитални проекти што овој град кога било во историјата ги видел“, а потсети и дека успеале да донесат буџет од 5,2 милијарди денари кој спореден со минатогодишниот буџет е повисок за 12 %.

