Свет
НАТО бара Русија да го врати Крим, Путин таму денеска отвори две нови електрани
Северноатланската алијанса по повод, како што велат од таму, петгодишнината од анексијата на Крим од страна на Русија, во соопштение оцени дека овој чин претставува кршење на меѓународното право и голем предизвик за евро-атлантската безбедност.
„Силно го осудуваме овој чин кој не го признаваме, ниту некогаш ќе го признаеме. Ја повикуваме Русија да го врати Крим под контрола на Украина“, се вели во официјалното соопштение на НАТО.
Во него, членките на НАТО ја потврдуваат својата целосна посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како што се вели, во рамки на меѓународно признатите граници и територијални води.
„Крим е територијата на Украина“, јасно се наведува во соопштението.
Алијансата исто така изразува длабока загриженост во врска со кршењето на човековите права кое, како што се истакнува, руските власти де факто го спроведуваат врз нелегално присвоениот Крим, и тоа против Украинците, кримските Татари и припадниците на локалните заедници.
Во меѓувреме, и покрај ваквите меѓународни реакции, рускиот претседател Владимир Путин денеска отвори две нови електрани на Крим, откако на полуостровот во Црното Море пристигна за да ја одбележи, како што се вели, петгодишнината од повторното спојување на оваа области со Русија.
Централите кои се наоѓаат во градовите на Севастопољ и Симферопољ, делумно беа стартувани минатата година, но денешната свеченост го означи моментот кога тие почнуваа да работат со полн капацитет.
Претходно, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, изјави дека церемонијата ќе покаже дека Крим конечно е во можност во целост да ги исполни своите енергетски потреби. Пред преземањето, Украина задоволувала 80 отсто од побарувачката за електрична енергија на полуостровот.
Украина сака да да го добие назад Крим, кој и натаму од повеќето земји е признаен како украинска територија, пишува агенцијата „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

