Македонија
(Видео) Џамтоски: Заев вети мораториум за градење и забранет пристап до Али-пашината џамија
Жолта лента за забранет пристап до Али-пашината џамија и мораторум за градење, им ветил премиерот Зоран Заев на претставниците од граѓанското здружение „Совест“ на денешната средба во Владата. Томе Џамтоски од „Совест“ вели дека Заев им ветил дека ќе побара од Министерството за транспорт и врски и Државниот градежен инспекторат веднаш да постапат според сите документи што ги донела Управата за заштита на културното наследство и да се запрат градежните активности. Изградбата на објектот течеше и во текот на денешниот ден, иако судот донесе забрана за изведба на градежни работи.
„Премиерот нè увери дека ќе го направи она што ние го побаравме. Тој ни рече дека ако треба, Али-пашината џамија ќе биде чувана со асистенција на полицијата, со цел да прекинат сите градежни активности околу неа. Ако објектот е навистина културно наследство, тогаш да го претставиме во целото негово светло, со сите негови цивилизациски слоеви, потврдени уште пред 20 години со соодветна документација. Сметаме дека е надвор од здравата логика една ваква активност да дозволиме да го наруши она што значи спокојно живеење на охриѓани“, рече Џамтоски.
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, по средбата уверуваше дека ќе се постапува согласно законите, но во насока на мирно решавање на проблемот. На прашањето како граѓаните ќе бидат сигурни дека нема да се постапува противзаконски во иднина, градоначалникот рече: „Ќе знаеме во наредните неколку денови, откако органите ќе постапат“

„Јас сум градоначалник на сите граѓаните на Охрид. Ако граѓанте кои се заинтересирани за изградба на минарето сакаат да остваруваат средби, јас и со нив ќе дојдам во Владата. Треба еднаш засекогаш да се отворат сите документи и факти за да ставиме крај на тој проблем“, рече Героегиевски.
Основото јавно обвинителство отворило предмет за градежните работи на џамијата, а обвинителот констатирал дека правното лице опфатено во истрагата нема правосилно одобрение од Министерството за транспорт и врски. Судот по барање на обвинителството донел решение за забрана за преземање и изведување градежни работи на објектот.
„По извршен увид на терен, се воочи дека мерките на претпазливост не се почитуваат од страна на осомничените, а за утврдување на промената на фактичката состојба во повеќе наврати од страна на Јавниот обвинител е издадена наредба до градежен инженер, кој излегуваше на лице место во присуство на полициски службеници“, велат од обвинителството.
Во предметот на обвинителството опфатени се 8 лица, дел се физички, а дел правни субјекти. Меѓу нив се нарачателите и изведувачите на градбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

