Свет
Училишта во Бирмингем ги откажаа часовите за еднаквост на ЛГБТ по протестите од родителите муслимани
Четири училишта во Бирмингем ги прекинаа часовите за ЛГБТ-правата по поплаките од родителите муслимани, пренесува „Спутник“.
Трустот „Ли“, мултиакадемска образовна организација која стои зад училиштата, најави дека ја суспендира програмата No Outsiders додека не се постигне договор со родителите.
Проектот беше креиран и тестиран во „Паркфилд“ во 2014 година од страна на помошник-директорот Ендрју Мофат, кому во 2017 година му бил доделен медал за заслуги за еднаквост и разновидност во образованието, а под негово покровителство се достапни и книги со приказни за истополови врски и бракови во библиотеките на училиштата.
Во писмото, од трустот соопштија дека ги запираат часовите до по Рамазан, кој завршува во јуни.
„Програмата No Outsiders е за толеранцијата, прифаќајќањето на разликите и за почитувањето, кои се клучни аспекти на кохезијата на заедницата и фундаментални британски вредности”, изјави портпаролот на училиштето „Паркфилд“.
Фатима Шах, чија 10-годишна ќерка учи во „Паркфилд“, изјави дека програмата е несоодветна и потполно погрешна.
„Ги учат децата дека е во ред да бидат хомосексуалци, а 98 отсто од децата во ова училиште се муслимани. Ова е муслиманска заедница”, рече таа.
Шах не е сама – стотици муслимански деца не одат на училиште од почетокот на март, а наставниците – вклучувајќи го и Мофат, кој е хомосексуалец – се обвинети за користење на учениците како заморчиња во перверзен социјален експеримент.
Скандалот ја подели локалната Лабуристичка партија, која доминира во градот. Пратеничката Шабана Махмуд ги повика образовните власти да ги сфатат поплаките на родителите во контекст на верска припадност, додека, пак, нејзините сопартијци ја осудија нејзината одбрана на фанатизмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

