Топ
Контроли на јавниот превоз по несреќата кај Ласкарци, откриени 35 возила со неисправни сопирачки
По смртоносната автобуска несреќа кај Ласкарци, вчера во неколку општини била спровдена акциска контрола за техничка исправност на возилата што вршат јавен превоз на патници (автобуси, минибуси и такси-комбиња), соопшти МВР. При контролите откриени се повеќе неправилности кај возилата, а во делот на сопирачките, само во Тетово, 25 возила превезувале патници со неисправни сопирачки.
Тетовската полиција со контролата опфатила 128 возила, од кои пет имале неисправен уред за управување и едно недостиг на опрема. Поради констатираните недостатоци, од сообраќај биле исклучени 30 возила, на 37 возачи изготвени им се прекршочни платни налози, а за осуммина поднесени се барања за поведување прекршочна постапка.
Акциска контрола била спроведена вчера и во Штип, каде што биле контролирани 57 возила. Кај девет од нив била утврдена неисправност на уредот за запирање, кај едно неисправен уред за управување, а две возила не извршиле вонреден технички преглед.
Во Охрид, Струга, Кичево и во Дебар биле контролитани 111 моторни возила за јавен превоз на патници. Тука констатирани биле осум неисправности, од кои шест во Охрид и две во Кичево, од кои еден неисправен уред за запирање. При акциските контроли од сообраќај се исклучени осум возила. Во акција во Струмица 25 возила биле испратени на вонреден технички преглед по што кај седум возила биле констатирани прекршоци за кои се издадени седум прекршочни патни налози.
Во несреќата кај Ласкарци животот го загубија 16 лица. Според последните информации од Обвинителството, причина за несреќата биле неприспособената брзина и неисправните сопирачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Мицкоски: Јас бев најнапаѓан човек од Артан Груби, на Прочка се креваа дронови над куќата на мојата сестра
На денешната седница за пратенички прашања претседателот на Владата, Христијан Мицкоски беше прашан за актуелната тема во јавноста со апсењето на поранешниот вицепремиер Артан Груби. Мицкоски посочи дека ја разбира вознемиреноста и револтот на јавноста, па дури и коментари од различни етнички заедници, затоа што на граѓаните, како што рече, уште им е свежо сеќавањето како во минатото власта се договарала со правосудството.
„Јас како човек бев најнапаѓаниот политичар од истото ова лице, Артан Груби. Се сеќавате на онаа фамозна реплика во еуфорија и хистерија, позната како „па-па Мицко“. Се сеќавате како на ден Прочка се креваа дронови над семејната куќа на мојата сестра и тој имот се претставуваше како мој скриен имот. Се сеќавате колку пати во јавни изјави од страна на Артан Груби и сите тие кои во тоа време беа дел од Владата предводена од СДСМ, ме напаѓаа мене лично и со ниски страсти и со лаги и со клевети и ад хоминем. Впрочем ден денес од страна на ДУИ и одредени нивни функционери, кои за жал не се тука, главниот таргет сум јас. И сега по некоја чудна логика јас како претседател на Владата излегувам и се договорам со овие кои сакаат да го видат мојот политички, а дел од нив и човечки крај. Мислам дека тука нема никаква логика“, рече премиерот Мицкоски.
Тој потсети дека првичната теза на опозицијата била дека имало договор и Груби бил пуштен, па откако бил уапсен ставот на опозицијата станал дека ДУИ го спасува Мицкоски, за да на крајот од денот кога се случила одлуката на обвинителството и судот кажале дека имало договор помеѓу Мицкоски и Груби.
„Ова беше хронологијата на сите настани и ниту еден нема никаков здрав разум. Само едно можам да заклучам – дека Фројд работи кај нив. Тоа што тие го мислат и тоа што тие го правеле, мислат дека сите ние го правиме. Мислат дека ако тие така фингирале процеси и рушеле влада на времето, преку т.н. обоена револуција, со лаги конструкции, клевети, со фингирани процеси во судството, дека и сега и ние така работиме. Не. Многу е едноставно, бегалецот е обезбеден од органите на редот. Сè понатаму е одлука на друга власт, тоа е судската власт и нема никаква врска со Владата. Но, потсвеста е чудна и сега секој од нив се преиспитува што знае ова лице“, истакна Мицкоски и дополни дека стравот на опозицијата е да не се прошири делото од Лотарија на здравство или на производството на канабис.
„Повеќе го нема Љупчо Коцевски и луѓето околу него, да бидат нивниот последен штит. Сега ќе дојде нов независен обвинител и очекуваме правдата да биде заштитена, а тие на кои совеста им работи, немирни се и тешко спијат, сега велат доаѓа крајот. Фактот е дека лицето е обезбедено и допрва почнува агонијата за поединци. Тоа треба сите да го знаат. Ќе повторам, апсолутно ги разбирам граѓаните кои што се револтирани, апсолутно го поддржувам нивниот револт и емоција, но процесот сам по себе ќе даде одговор. Времето работи на нивна штета. Има една грчка изрека, ‘Големите работи се случуваат во тишина’ и тоа ги мачи“, заклучи премиерот Мицкоски.

