Македонија
(Видео) Децата без родители до Царовска: Државата, наместо да ни биде мајка, таа нè брка надвор
До кога децата без родители ќе завршуваат на улица, а ќе се удирате в гради дека има закони и дека тие си ги остваруваат своите права?“, праша Суаред Аришиќ од граѓанската организација „5 до 12“ на јавната дебата во Собранието за предлог-законот за социјална заштита. Со емотивен говор тој порача државата да го смени односот кон нив затоа што, како што рече, тие немаат друга мајка, државата им е сé. Тој вели дека со животот води дополнителна битка затоа што, покрај дете без родители, е и лице со попреченост.
„Во законот се вели дека е пропишано домување кога детето ќе го напушти домот. Зошто јас тоа домување не го користам ако е така? Зошто Министерството за труд до ден-денес не одговори на нашото барање да се состави комисија која ќе има надзор над службите што работат со овие лица? Тие деца ги чуваме во т.н. групни домови и по 18 години, ги фрламе на улица. И, повторно имаме проблем бидејќи тоа лице нема услови за живеење и прашувам дали треба да биде криминалец, да краде, да се судри со законот за да преживее. Системот не е поставен како што треба, таму има поставено нетранспарентни луѓе. Други зборуваат во наше име бидејќи таму нема ниту еден претставник од децата без родители. Нека каже министерката колку деца без родители, и тоа со факултетски дипломи, ја напуштија работата. Си заминаа од земјава да си го бараат лебот во странство затоа што дојдоа лица од граѓански организации и напредуваа на работните места, а децата без родители, кои треба да се гордост на оваа држава, беа фрлени во втор план. Ова е жално затоа што јас немам друга мајка, оваа држава ми е сè, но таа ми ги затвора вратите“, рече Аришиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

