Македонија
ИВЗ: Нема компромис за џамијата во Охрид, ние ќе градиме

Реставрацијата на Алипашината џамија во Охрид и изградбата на 32-метарското минаре за Исламската верска заедница е завршена работа. Градежните работи се во тек и нема да престанат, а компромис за стопирање на изградбата нема да дозволат, најавија од ИВЗ иако Обвинителството донесе решение за забрана за изведување градежни работи. Од Исламската верска заедница велат дека секој ден одат на судски рочишта, а тоа го гледаат како претеран притисок.
„Во Охрид моментно постои само Алипашината џамија, но и нејзината реконструкција наидува на несфатливи пречки“, велат од ИВЗ.
Од Верската заедница велат дека реагирале до Владата оти чашата се прелеала во моментот кога реставрацијата на Алипашината џамија и изградбата на минарето биле оспорени од здружението „Совест“.
За средбата меѓу претставниците на здружението, премиерот Зоран Заев и в.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, од ИВЗ велат дека не е добро Владата да поддржува оспорување на чувствата на еден народ.
Томе Џамтоски од „Совест“ претходно рече дека премиерот Заев им ветил дека ќе биде поставена жолта лента за забранет пристап до џамијата во Охрид, но такво нешто нема.
Основото јавно обвинителство отвори предмет за градежните работи на џамијата, а обвинителот констатирал дека правното лице опфатено во истрагата нема правосилно одобрение од Министерството за транспорт и врски. Судот по барање на Обвинителството донел решение за забрана за преземање и изведување градежни работи на објектот. Но, решението не се почитува.
„По извршен увид на терен, се забележи дека мерките на претпазливост не се почитуваат од страна на осомничените, а за утврдување на промената на фактичката состојба во повеќе наврати од страна на јавниот обвинител е издадена наредба до градежен инженер, кој излегуваше на самото место во присуство на полициски службеници“, изјавија од Обвинителството.
Во предметот на Обвинителството опфатени се 8 лица, некои се физички, а други правни субјекти. Меѓу нив се нарачателите и изведувачите на градбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Паника во Катланово и Петровец поради голем пожар, Ангелов смирува дека нема опасност да се запали бензинската

Попладново пожар изби и помеѓу Катланово и Петровец. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов вечерва во видео-изјава посочи дека пожарот е пресечен и не претставува закана за бензинската пумпа која е во близина.
„Пожарот кој што изби помеѓу Катланово и Петровец во близина на безинската пумпа е делумно локализиран, односно е пресечен и не претставува опасност за блиската бензинска пумпа. Се движи кон село Чифлик, а на негово ставање под контрола работат скопските пожарникари. Рано наутро ќе се упати и ер-трактор, а ќе упатиме и неколку возила. Се работи за непријатен пожар кој се наоѓа на непристапно место, но верувам дека утре пожарникарите ќе го стават под целосна контрола. Видлив е од автопатот и предизвикува вознемиреност, но граѓаните да не се плашат бидејќи не може да ја зафати бензинската пумпа“, изјави Ангелов.
Македонија
До 18 часот вкупно 29 пожари на отворен простор, гори уште на 14 места

До 18 часот вкупно 29 пожари на отворен простор, од нив 14 активни, четири под контрола и 11 изгаснати.
Како што информираат од ЦУК активни пожари има во Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино (планината Голем Готен и Малешевските планини – нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација), Општина Прилеп – с. Бешиште, Бешишки Рид, кон с. Градешница (опш. Новаци) и кон границата со Р. Грција (мешана шума), Прилеп и Кавадарци – помеѓу с. Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен, Галиште и Трстеник (мешана шума и ниска вегетација), Македонски Брод – помеѓу с. Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума и грмушки, Желино – помеѓу с. Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума),Крива Паланка – с. Нерав (висока борова шума), Старо Нагоричане и Куманово – с. Облавце, Бељаковце, Довезенце, Орах и Ругинце (ниска вегетација), Битола – с. Велушина (ниска вегетација), Битола 2 – с. Миџитлија (ниска вегетација), Кичево – с. Горно Трско (ниска вегетација и ниска шума), Македонска Каменица – с. Косевица (борова шума), Струга – с. Ново Село и с. Делогожда (ниска вегетација и стрниште), Штип – помеѓу с. Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева),Петровец – с. Ржаничино (ниска вегетација).
Пожарите кај Македонски Брод 1 – с. Грешница, Македонски Брод 2 – с. Латово, Карбинци – с. Јунузлија и кај Петровец – с. Средно Коњаре кај р. Пчиња се ставени под контрола.
Македонија
Алиу ветува 205 милиони евра за болници кои инспирираат доверба, а не страв

Верувам дека здравството е повеќе од систем. Тоа е нераскинливо морално ветувањето што си го даваме едни на други: дека кога најмногу ни треба, ќе има некој тука за нас“, порачува во видео обраќање министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој нагласува дека тоа ветување денес има потреба да се врати во системот, но без импровизирани одлуки, туку со јасна визија. Без носталгија, со податоци и храброст.
-Визијата станува реалност со голем прв чекор: 205 милиони евра за болници кои инспирираат доверба, а не страв, вели министерот Алиу, додавајќи дека во Штип ќе се гради модерна клиничка установа и Факултет за медицина за идните генерации лекари.
-Во Тетово, болницата ќе добие современа медицинска опрема и два нови објекти, со што ќе прерасне во симбол на грижа и достоинство. Во Кичево, каде што болницата остана нереализирано ветување од минатиот век, од темел ќе градиме нова, светла, топла и достојна за секој од вас, вели министерот Алиу.
Тој истакнува дека ова е само почеток, бидејќи хоризонтот на неговата визија е многу подалеку.
-Да изградиме модерно, хумано и дигитализирано здравство. Ние не сме тука да чекориме по патеки од минатото кои не водат никаде, ние сме овде да градиме доверба за идните генерации. И заедно со вас, ќе ја направиме оваа визија реалност, порачува министерот за здравство, Азир Алиу во неговото видео обраќање.