Македонија
(Видео) Утврден судир на интереси кај градоначалниците на Бутел и Ресен, извршувале две неспојливи функции
Двајца градоначалници се на листата на функционери кај кои Државната комисија за спречување корупција утврди судир на интереси по извршените проверки на доставените изјави за интереси. Градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, пријавил дека ја извршува и функцијата член на Управниот одбор на Градскиот трговски центар од 2017 година, а градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревки, истовремено е член на Управниот одбор на ЈП „Студенчица – Кичево“, исто така од 2017 година.
На листата каде што антикорупционерите констатираа судир на интереси се уште 16 службени лица, кои истовремено биле директори, членови на општински совети, членови на управни и надзорни одбори во јавни претпријатија.
„Утврдена е листа на лица што извршувале две или повеќе функции истовремено. Кај сите има судир на интереси и тие се известени дека треба да си го отстранат судирот на интереси во рок од 15 дена од доставувањето на одлуката“, рече претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, и нагласи дека поради неспојливост на функциите, предвидена е и прекршочна постапка.
Антикорупционерите утврдиле дека Ѓорги Граматиков извшувал три функции што не може да бидат споени, односно пријавил дека е член на Советот на Општина Дојран, член на Управниот одбор на градинката „Кокиче“ во Дојран од 2014 година и член на Надзорниот одбор на ЈП за комунални дејности „Полин“ од 2013 година.
Александар Цуцулоски, член на одборот на директори на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, истовремено е член на Управниот одбор на студентскиот дом „Пелагонија“ од 2017 година.
Љупка Јаневска, в.д. директорка на детската градинка „Гоце Делчев“ во Пробиштип, истовремено е член на Управниот одбор на студентскиот дом „Доне Божинов“ во Пробиштип.
Габриела Иливеска е член на Советот на Општина Кратово и член на Управниот одбор на градинката „Царка Андреевска“ во Кратово од 2017 година.
На листата се и Билјана Манасиева, која истовремено е член на Советот на Општина Виница и член на Управниот одбор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Виница од 2017 година, Џелал Абиду, член на Советот на Општина Маврово – Ростуше и член на Управниот одбор на Националниот парк „Маврово“, Маврови Анови, од 2009 година, Кире Алексов, член на Советот на Општина Свети Николе и член на Управниот одбор на ХС „Злетовица“ – Пробиштип, Драгана Плешкова, член на Управниот одбор на ЈЗУ „Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија“ и член на Управниот одбор на ЈЗУ „Универзитетска клиника за радиотерпаија и онкологија“ – Скопје од 2017 година, Славјана Михаиловиќ, член на Советот на Општина Струмица и заменик-народен правобранител во Скопје, Ристо Џинев, претседател на Советот на Општина Дојран и член на Управниот одбор на детската градинка „Кокиче“ во Дојран од 2014 година, Тони Мартиноски, член на Советот на Општина Бутел и в.д. директор на Управата за животна средина и просторно планирање од 2014 година, Богослав Лескаровски, член на Управниот одбор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и член на Управниот одбор на Агенцијата за катастар од 2017 година, Бедри Вељиу, заменик-претседател на Управниот одбор на ЈЗУ „Општа болница Куманово“ и претседател на Управниот одбор на ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ – Куманово од 2017 година, Томче Ѓуровски, член на Советот на Општина Аеродром и член на Надзорниот одбор на АД „Македонски железници – Транспорт“ од 2017 година, Милена Строимановска, член на Советот на Општина Куманово и член на Управниот одбор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово од 2011 година и Марјан Неделковски, член на Управниот одбор на Државниот студенски дом „Скопје“ – Скопје и член на Управниот одбор на ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ – Велес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.

