Свет
Германската влада одбива да го акредитира пратеникот на Гваидо како амбасадор
Иако Берлин застана на страната на САД и го призна самопрогласениот привремен претседател на Венецуела, Хуан Гваидо, сепак го држи во неизвесност Ото Гебауер, што Гваидо го избра да ја претставува Венецуела во Германија и не му даде дипломатски статус, пренесува „Спутник“.
Шпанија, наводно, ги повикала земјите членки на ЕУ да не им даваат на претставниците на Гваидо дипломатски статус или соодветни привилегии.
Иако Ото Гебауер, испратен во Германија од страна на Гваидо како негов емисар, беше примен во Берлин, германската влада не планира да го акредитира, како што пренесува „Ној оснабрикер цајтунг“ цитирајќи го одговорот на германското МНР на барањето од левичарската партија Дие Линке.
Според Министерството, германската влада првин го примила Гебауер како личен претставник на привремениот претседател Гваидо на 13 март 2019 година за да оствари разговори со него, но нагласи дека не се планираат понатамошни чекори.
Кога во Венецуела избувна политичката криза кон крајот на јануари, кога лидерот на парламентарната опозиција Гваидо, поддржан од САД, се прогласи за привремен претседател на Венецуела и го оспори реизборот на претседателот Николас Мадуро во мај минатата година, Германија го призна како преоден шеф на државата. 50-ина држави, охрабрени од САД, го сторија истото. Меѓутоа, уставно избраниот шеф на државата, Николас Мадуро, поддржан од Русија, Кина, Куба, Боливија, Турција и голем број други земји, продолжува да ја држи власта и одбива да се повлече обвинувајќи го Вашингтон дека се обидува да организира државен удар за да го инсталира Гваидо како марионетски лидер.
Ова доведе до парадоксална ситуација во Германија со двајца венецуелски емисари во Берлин, кој но не може да одржува официјални разговори со двајцата.
Дие Линке ја пофали одлуката за Гебауер. Пратеникот од германскиот Парламентарен комитет за надворешни работи, Хајке Хансел, истакна дека испраќањето нови претставници за Венецуела се заснова на признавање на самоназначениот претседател Хуан Гваидо, кој го крши меѓународното право, според заклучокот на истрагата на Бундестагот.
„Ова ја докажува апсурдноста на германската политика на Венецуела. Признавањето на Гваидо беше извршено надвор од границите на меѓународното право и ова го враќа назад“, рече таа.
Покрај овој дипломатски судир, Ото Гебауер има и дискутабилен профил за дипломат бидејќи беше вмешан во обидот за државен удар во 2002 година против претседателот Хуго Чавез, кој почина пред неколку години. Тој беше член на единицата командоси што го држеше Чавез во заложништво и беше осуден на шест години затвор за тоа.
Легитимитетот на привремениот претседател Гваидо сега се соочува со предизвик бидејќи според законот на Венецуела, неговиот максимален мандат е ограничен на 30-дневен период. Тој истече во февруари, но нови избори сè уште не се распишани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Поранешен британски министер ја напушта Лабуристичката партија поради неговите врски со Епштајн
Поранешниот британски министер Питер Манделсон ја напушти Лабуристичката партија на премиерот Кир Стармер по новите извештаи за неговите врски со покојниот американски финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, објавија вчера медиумите.
Манделсон, кој беше отстранет од Стармер минатата година од функцијата британски амбасадор во Соединетите Држави по откритијата за неговите врски со Епштајн, рече дека не сака да предизвика „понатамошен срам“ за Лабуристичката партија, се вели во извештаите.
„Овој викенд повторно бев поврзан со оправданата контроверзност околу Џефри Епштајн и жалам за тоа“, рече Манделсон во писмо до Лабуристичката партија, објавено од Би-Би-Си и други.
Манделсон рече дека верува оти обвинувањата за плаќањата на Епштајн на неговата сметка, кои се појавија во британските медиуми врз основа на документи објавени од Министерството за правда на САД, се лажни и ќе ги истражи.
„Иако го правам ова, не сакам да предизвикам понатамошен срам за Лабуристичката партија, па затоа го повлекувам моето членство во партијата“, се вели во писмото. Манделсон беше клучен во изборниот успех на Лабуристичката партија кога Тони Блер беше премиер на почетокот на 1990-тите.
Минатата година тој беше критикуван од јавноста откако американските пратеници објавија документи, вклучувајќи писмо во кое тој го нарекува Епштајн „свој најдобар другар“, што доведе до негово отстранување од функцијата британски пратеник во Вашингтон.
Свет
Трамп привремено го затвора Центарот Кенеди: „Ќе изградиме глобален бастион на уметноста“
Американскиот претседател Доналд Трамп објави планови за привремено затворање на Центарот Кенеди во Вашингтон за голема реконструкција, два месеци откако предизвика контроверзии со додавањето на своето име на културната знаменитост.
Трамп изјави на својата платформа Truth Social дека „Центарот Трамп Кенеди“ ќе се затвори во јули за околу две години. Тој рече дека реновирањето ќе го трансформира центарот во „бастион од светска класа на уметност, музика и забава“.
Владата на САД повеќе пати повтори дека комплексот на Центарот Кенеди, кој се наоѓа на реката Потомак, има потреба од поправки и модернизација.
Центарот Кенеди е домаќин на театарски, танцови и музички претстави и е именуван по поранешниот претседател Џон Ф. Кенеди (1917-1963). Името на Трамп беше официјално додадено во декември, предизвикувајќи протести и откажување на настапите од страна на некои изведувачи и групи во институцијата.
Кратко по преземањето на функцијата, Трамп отпушти неколку членови на одборот на директори на центарот и го презеде неговото раководство. Центарот традиционално е домаќин на над 2.000 настани годишно, вклучувајќи го и доделувањето на наградите „Почести на Центарот Кенеди“, кое обично се одржува секој декември.
Свет
(Видео) Американските ѕвезди на Греми наградите му испратија порака на Трамп: „Ние не сме животни, ICE надвор“
Музичарот од Порторико, Бед Бани, повика на „исфрлање“ на американската Служба за имиграција и царина (ICE) додека ја примаше наградата за најдобра латино урбана музика на доделувањето на наградите Греми во Лос Анџелес.
Бед Бани, кој ќе биде главен изведувач на полувремето на Супербоул следната недела, се осврна на мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата во страсниот говор на доделувањето на наградите Греми.
„Пред да му се заблагодарам на Бога, ќе кажам „ICE надвор!““, рече тој, осврнувајќи се на американските службеници за имиграција, по неколку недели тензии во Минеаполис каде беа убиени двајца цивили.
„Ние не сме дивјаци, ние не сме животни, ние не сме вонземјани, ние сме луѓе и ние сме Американци“, продолжи тој, додека ја примаше наградата.
Многу членови на публиката стоеја додека тој зборуваше. Порториканскиот уметник се смета и за фаворит за главната награда на вечерта, албум на годината. Неговиот говор беше најочигледно политичкиот момент на церемонијата, каде што многу уметници, вклучувајќи ја и Р&Б ѕвездата Кехлани, носеа значки „ICE out“ на црвениот тепих.

