Свет
Чешкиот премиер Бабиш: Претседателството со ЕУ е само ломотење со сендвичи
Чешкиот премиер Андреј Бабиш предложи да се укине ротирачкото претседателство на неговата земја со Советот на ЕУ бидејќи тоа е губење пари и обично ломотење со сендвичи, пренесува „Политико“ цитирајќи локални медиуми.
Весникот „Деник Н“ објави дека Бабиш, богат бизнисмен кого го нарекуваат чешкиот Трамп, изјавил пред министрите на кабинетот на состанокот во понеделникот дека шестмесечниот мандат како претседател на Советот на ЕУ во втората половина на 2022 година, ќе ја чини Чешка многу пари, а нема да има никакви бенефиции, па затоа посочи дека треба да го прескокнат нивниот ред.
Бабиш подоцна негира дека предложил да се откаже од претседателството и рече дека само се жалел на трошоците. Тој за „Деник Н“ изјавил дека Чешка ќе го преземе претседателството според планираното.
Последен пат Чесите го имаа ротирачкото претседателство во 2009 година, а тоа ја чинеше земјата чини околу 3,5 милијарди круни (135 милиони евра).
Претседателството на Советот на ЕУ ротира на секои шест месеци и листата е изготвена до 2030 година. Таа беше ажурирана во 2016 година кога Велика Британија се откажа поради референдумот за брегзит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

