Македонија
Јавниот сектор пораснал за над 3.300 луѓе

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска го објави Извештајот за вработени во јавниот сектор за 2018 година, кој покажува дека во споредба со 2017 година, во јавната администрација се вработени 3.346 луѓе повеќе.
Според извештајот за 2018 година, во 1.314 институции во државата работат 132.068 луѓе. Извештајот од 2017 година, пак, покажува дека во 1.299 институции работеле 128.722 лица, што значи дека во државата има тенденција на зголемување и на бројот на јавни институции и на бројот на вработени.
Во Извештајот е направена анализа на структурата на податоци за 112,164 вработени во јавниот сектор, од кои жени се 60.593, додека мажи се 51.571.
Просечната возраст на овие вработени изнесува 45.95 години, кај жените просекот е 45.16 години, додека кај мажите 46.89 години.
Од сите вработени, 347 се без образование, 118 се полуквалификувани, 225 се квалификувани, 10.015 се со основно образование, 38.373 се со средно образование, 4.682 се висококвалификувани, 1.069 се со вишо образование, ,50.301 се со високо образование, 5.053 се магистри, а 1.981 се доктори на науки.
Или, со други зборови, во јавниот сектор во државата работат 5 пати повисок број на лица без или со основно образование од доктори на науки.
Според етничката структура, од вработените во јавниот сектор 83.993 се Македонци, 22.060 се Албанци,
2.110 се Турци, 1.355 се Роми, 1.019 се Срби, 450 се Бошњаци, 423 се Власи, а 754 се други или не се изјасниле.
Преку Агенциите за привремени вработувања во институциите на јавниот сектор, работно ангажирани се вкупно 2.439 лица и истите немаат статус на вработени во јавниот сектор и не влегуваат во анализите содржани во извештајот што го презентираше Манчевски.
Токму овие привремени вработувања често се наоѓаат на тапет во јавноста поради можноста за злоупотреби, односно поради фактот што ваквиот тип работни места често се користат за протнување партиски кадри, а потоа нивниот работен однос се претвора во траен.
Извештајот содржи комплетни информации за структурата на вработените во јавниот сектор, а податоците во Извештајот се резултат на вкрстена анализа на податоците од МИОА, Министерството за финансии, Агенцијата за вработување, и Фондот за здравствено осигурување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Живалево – Туралево

Од 06:45 часот сообраќајот на патниот правец село Живалево – село Туралево е нормализиран, извести АМСМ.
Од 05:00 часот, поради одрон, сообраќајот на тој патен правец беше во прекин и се одвиваше наизменично, по една коловозна лента.
Македонија
Одрон на патниот правец Живалево – Туралево, сообраќајот се одвива по една коловозна лента

Од 05:00 часот на патниот правец село Живалево – село Туралево има одрон, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.
Во 03:40 часот се укинува забраната за тешки товарни возила према превој Стража, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно и студено со повремени врнежи од дожд, на некои од повисоките места дожд и снег

Променливо облачно и студено со повремени врнежи од дожд, на некои од повисоките места од дожд и снег, а на планините повремен снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се движи во интервал од 2 до 7 степени, а максималната ќе биде во интервал од 4 до 11 степен.
Во Скопје, облачно и студено со врнежи од дожд, а на повисоките места од котлината со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти со 3, а максималната ќе достигне 7 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност нашата држава е зафатена од студен бран кој доаѓа од северните делови на континентот. Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 50 l/m² дожд. Денес на планините врнежите ќе преминуваат во снег, при што ќе се формира значителна снежна покривка. Поради натамошно спуштање на студен воздух, ќе има услови врнежите од дожд да преминуваат во снег и на некои од повисоките населени места. За време на викендот времето ќе биде стабилно со ниска утринска температура, а дневната ќе биде во благ пораст.