Свет
Во судир на тролејбус и трамвај во Брно повредени 38 лица
Најмалку 38 лица се повредени, од кои 12 со потешки повреди, при судир на торлејбус и трамвај во Брно. Спасителите успеале да извлечат седум лица, кои останале заглавени.
Несреќата се случила попладнево на една од раскрсниците во градот, а очевидци за полицијата и медиумите изјавија дека во тој момент, наводно, пешак преминал на црвено, а тролејбусот се обидел да го избегне.
Меѓу повредените има две деца. Тие се пренесени во болница. Сообраќајната инспекција соопшти дека тролејбусот бил полн со патници, а трамвајот бил празен. Штетата се проценува на 40.000 евра.
„За двајцата возачи се грижат лекарите, нивните животи не се во опасност“, рече портпаролката на Градското сообраќајно претпријатие, Хана Томаштик.
Полицијата почна истрага, се разгледуваат сите можности од невнимание до технички проблеми или, пак, здравствени проблеми на некој од возачите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин за ракетата „Орешник“: „Моќта на масовниот удар е споредлива со нуклеарно оружје“
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ракетата „Орешник“ има моќ што може да се спореди со нуклеарно оружје.
Тој на самитот на Организацијата за колективна безбедност (CSTO) во Астана објасни дека ракетата, чии елементи на удар достигнуваат температура од 4.000 степени, може да погоди високозаштитени објекти, дури и оние што се наоѓаат на големи длабочини, и сè што е во епицентарот на експлозиите се претвора во прашина, објави „РИА новости“.
Москва веќе има на располагање неколку ракети „Орешник“ и почна со големо производство на напредниот вооружен систем, додаде тој.
Свет
Во Германија уапсен лекар: осомничен за убиство на осум пациенти
Лекарот што годинава беше уапсен во Берлин е осомничен дека намерно убил осум од своите пациенти, а во некои случаи се обидел да ги прикрие доказите со палење, според истражителите.
Неименуваниот лекар, кој бил член на тимот за палијативна нега, во моментот на апсењето бил осомничен дека убил четворица постари пациенти во јуни и јули, а потоа се обидел да ги запали нивните станови, пренесуваат медиумите во регионот.
Полицијата и Обвинителството денеска соопштија дека се појавиле дополнителни случаи кога ги прегледале досиејата на пациентите и извршиле форензички прегледи на осомничените жртви, од кои две биле ексхумирани.
Тој првично беше уапсен под сомнение за убиство од небрежност, подметнување пожар и обид за палење. Обвинителите рекоа дека сега ги третираат случаите како убиства бидејќи се чини дека осомничениот немал друг мотив, освен да ги убие пациентите, според написите.
Тој е осомничен дека во јануари му дал смртоносна мешавина на лекови на 70-годишен старец. На почетокот на април следната жртва била 61-годишна жена. Неколку недели подоцна тој наводно убил 83-годишен старец.
Во четвртиот случај во јуни тој наводно убил 70-годишна жена во нејзиниот стан, а потоа го запалил. Пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири на другиот дел од зградата, пишуваат медиумите во регионот.
Свет
На Германија ќе ѝ требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040
На германскиот пазар на труд се очекува да му бидат потребни 288.000 странски работници годишно до 2040, според новото истражување објавено оваа недела.
Анализата, спроведена за Фондацијата „Бертелсман“, покажува дека сегашното ниво на миграција на странски работници е значително помало од потребното.
Сузане Шулц, експерт за миграција во Фондацијата, изјави за ДПА дека треба да се отстранат бариерите и да се подобрат условите за мигрантите за да се задоволи растечката побарувачка. Друга проекција, заснована на малку понеповолно сценарио, сугерира дека Германија ќе има потреба од 368.000 странски работници годишно до 2040 година.
Според оваа проекција, од 2041 до 2060 година побарувачката се очекува благо да се намали на речиси 270.000 работници годишно благодарение на позитивните ефекти од претходната имиграција.
Според студијата, без нова имиграција, се очекува германската работна сила да се намали од 46,4 милиони на 41,9 милион работници до 2040 година, што е пад од речиси 10 отсто поради демографските промени.
Ова ќе се разликува од регион до регион. Истражувањето покажа дека работната сила во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, ќе се намали 10 отсто, што се смета за умерено.
Повеќе ќе бидат погодени државите како Тирингија, Саксонија-Анхалт и Сар. Дури и во економски силните региони, како Баварија, Баден-Виртемберг и Хесен, се очекува значителен недостиг на работна сила без прилив на странски работници.