Економија
Заев и Ципрас на заедничкиот бизнис-форум порачаа дека сега е историски момент за унапредување на економската соработка
Во рамките на официјалната посета на премиерот на Грција, Алексис Ципрас, и грчката владина делегација на нашата земја, денеска во хотелот „Александар палас“ се одржа заеднички бизнис-форум на кој присуствуваа повеќе од 400 стопанственици и компании.
Премиерите Заев и Ципрас со свои воведни обраќања го отворија бизнис-форумот, во чии рамки вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и вицепремиерот и министер за економија и развој во грчката влада, Јанис Драгасакис, потпишаа меморандум за соработка меѓу двете земји, со кој се формира заедничкиот комитет за економски прашања под водство на вицепремиерите за економски прашања од двете земји.
Премиерот Заев нагласи дека денеска е историски момент во кој политичарите, бизнисмените, медиумите и граѓаните ја унапредуваат економската соработка, со што се надминува состојба кога, како што рече, сме имале многу ограничен простор за економска соработка со Привремената спогодба од 1995 до целосно отворено поле за економска соработка.
„Во 2018 година Грција стана наш втор трговски партнер. Волуменот на размената во 2018 година порасна 20,7 отсто во споредба со 2017 година. Достигнавме меѓусебна трговија од речиси 1 милијарда долари. За Република Северна Македонија трговскиот дефицит во 2018 година се зголемил 30,7 отсто во споредба со 2017 година. Ова значи дека ќе работиме активно нашите компании да се борат за го зголемат својот извоз во Република Грција, со што би го намалиле ваквиот дефицит, или евентуално со зголемен број грчки инвестиции да го балансираме овој дефицит. Грција е трет најголем странски директен инвеститор во Република Северна Македонија со вкупно 474 милиони евра инвестиции од 1997 до 2017 година или вкупно учество од 10,1 отсто од странските директни инвестиции во државата. Гледајќи ги директните инвестиции од Грција во Република Северна Македонија, по негативниот тренд во 2016 година од минус 15,69 милиони евра, веќе во 2018 година имаме 25,16 милиони евра. Инвестициите го опфаќаат банкарскиот сектор, телекомуникациите, енергетиката, прехранбените и текстилните производи и градежништвото“, истакна Заев.
По потпишувањето на меморандумот за соработка, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, и неговиот колега во грчката влада, Јанис Драгасакис, имаа свои обраќања.
„Многу е важно да видиме кои се перспективите, а тие се многубројни. Нашата државата е упатена да соработува со Грција, пред сè, поради пристапот на море. Ние немаме поблизок пристап на море од Солунското пристаниште и затоа многу е важно да имаме пристап таму и инфраструктурно поврзување со Република Грција. Она што сакам да го потенцирам е дека во Република Северна Македонија се добредојдени сите инвеститорите од Грција“, нагласи Анѓушев.
Како што информираат од владината прес-служба, по завршувањето на официјалниот дел од бизнис-форумот се одржале многубројни Б2Б средби помеѓу присутните компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf
Економија
Божиновска–Мелинвуд: Започнува најобемната енергетска обнова на јавните згради досега
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Мелани Мелинвуд, претставник на Француската агенција за развој (AFD), а во врска со реализацијата на Планот за реконструкција на јавните згради – еден од клучните столбови на Реформската агенда на државата.
Фокусот на средбата беше ставен на имплементацијата на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите на јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – стратешки документ што поставува јасна, тригодишна рамка за најмасовната и најсистемска енергетска обнова на јавни објекти во земјата досега.
Станува збор за План што веќе е усвоен од Владата по сеопфатен процес на усогласување со вкупно 33 институции, што ја потврдува неговата институционална тежина и стратешко значење за модернизација на јавниот сектор.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како носител на оваа стратешка реформа, интензивно работи на обезбедување финансиски средства за реализација на обврските што произлегуваат од Реформската агенда, како и од постојните законски обврски. Согласно законската рамка, секоја година е предвидено да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност се задолжителен и нераздвоен дел од секоја реконструкција, истакнуваат од таму.
На средбата беше истакнато дека во моментов е во подготовка таканаречената scoping студија (студија за определување на опфат), со која детално ќе се утврдат параметрите за рехабилитација и обнова на зградите, како и јасни критериуми за приоритизација на објектите што први ќе влезат во процесот на реконструкција.
Со ова, е нагласено во соопштението, државата прави крупен исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за јавниот сектор, подобри услови за работа во институциите и значително намалување на емисиите на штетни гасови, во согласност со европските климатски политики.
„Оваа реформа претставува конкретен чекор кон позелена, поекономична и поодржлива јавна администрација – со директни придобивки за граѓаните и за државниот буџет“.
Економија
Трипуновски: Досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун во вредност од 170 милиони евра
Денес, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство и претседателот на Сојузот, посетивме неколку откупни пунктови со цел да се направи увид во завршната фаза од откупот на тутунот, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Според последните податоци, досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун од последната реколта, просечната цена е 419,15 денари за килограм“, посочи тој.
Министерот Трипуновски додаде дека вкупната вредност на откупениот тутун изнесува околу 170 милиони евра, од кои 95,6% веќе се исплатени на тутунопроизводителите кои го имаат предадено својот род.
„Останува уште мала количина тутун која согласно предвидената динамика, ќе биде откупена во наредниот период. Секоја откупна компанија ќе има отворен пункт до крајниот рок за откуп, кој трае до крајот на месец февруари“, појасни министерот.

