Економија
НБРМ ја подготвува првата национална стратегија за финансиска едукација на популацијата
Народната банка е домаќин на првата официјална мисија, во рамки на проектот за техничка помош за финансиска едукација на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Министерството за финансии на Холандија, којшто се одвива во седум земји од холандската конституенца при ММФ и Светската банка.
Покрај Народната банка, носители на овој петгодишен проект се и Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Целта на проектот е градење на капацитетите за развој на финансиската едукација, како и изработка на национална стратегија за финансиско едуцирање на населението.
Претставниците на ОЕЦД, од кои е составена мисијата, утрово остварија работен состанок со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на кој меѓу другото беше потенцирано дека иако во моментов се одвива првата фаза на проектот, којашто претставува мапирање на главните активности кај јавниот и приватниот сектор во земјава и утврдување на фактичката состојба за активните програми во полето на финансиската едукација, кај сите инволвирани страни постои цврста решеност за максимална посветеност на проектните активности. Ангеловска-Бежоска истакна дека проектот дава одлична можност за утврдување на идните активности за натамошно подигнување на нивото на финансиска писменост на населението во земјата.
Во продолжение на денешниот ден претставниците на ОЕЦД во рамки на мисијата ќе остварат работни средби и со експерти од централната банка, Министерството за финансии и Министерството за образование и наука, како и со неколку меѓународни организации.
Во Народната банка ќе се одржи и тркалезна маса со претставници на приватните финансиски институции, со цел да се согледаат нивните активности од областа на финансиската едукација. За утре е предвидена и тркалезна маса на којашто ќе учествуваат претставници на сите регулаторни институции на финансискиот систем на земјава, коишто заеднички учествуваат во Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf
Економија
Божиновска–Мелинвуд: Започнува најобемната енергетска обнова на јавните згради досега
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Мелани Мелинвуд, претставник на Француската агенција за развој (AFD), а во врска со реализацијата на Планот за реконструкција на јавните згради – еден од клучните столбови на Реформската агенда на државата.
Фокусот на средбата беше ставен на имплементацијата на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите на јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – стратешки документ што поставува јасна, тригодишна рамка за најмасовната и најсистемска енергетска обнова на јавни објекти во земјата досега.
Станува збор за План што веќе е усвоен од Владата по сеопфатен процес на усогласување со вкупно 33 институции, што ја потврдува неговата институционална тежина и стратешко значење за модернизација на јавниот сектор.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како носител на оваа стратешка реформа, интензивно работи на обезбедување финансиски средства за реализација на обврските што произлегуваат од Реформската агенда, како и од постојните законски обврски. Согласно законската рамка, секоја година е предвидено да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност се задолжителен и нераздвоен дел од секоја реконструкција, истакнуваат од таму.
На средбата беше истакнато дека во моментов е во подготовка таканаречената scoping студија (студија за определување на опфат), со која детално ќе се утврдат параметрите за рехабилитација и обнова на зградите, како и јасни критериуми за приоритизација на објектите што први ќе влезат во процесот на реконструкција.
Со ова, е нагласено во соопштението, државата прави крупен исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за јавниот сектор, подобри услови за работа во институциите и значително намалување на емисиите на штетни гасови, во согласност со европските климатски политики.
„Оваа реформа претставува конкретен чекор кон позелена, поекономична и поодржлива јавна администрација – со директни придобивки за граѓаните и за државниот буџет“.
Економија
Трипуновски: Досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун во вредност од 170 милиони евра
Денес, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство и претседателот на Сојузот, посетивме неколку откупни пунктови со цел да се направи увид во завршната фаза од откупот на тутунот, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Според последните податоци, досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун од последната реколта, просечната цена е 419,15 денари за килограм“, посочи тој.
Министерот Трипуновски додаде дека вкупната вредност на откупениот тутун изнесува околу 170 милиони евра, од кои 95,6% веќе се исплатени на тутунопроизводителите кои го имаат предадено својот род.
„Останува уште мала количина тутун која согласно предвидената динамика, ќе биде откупена во наредниот период. Секоја откупна компанија ќе има отворен пункт до крајниот рок за откуп, кој трае до крајот на месец февруари“, појасни министерот.

