Македонија
(Видео) Дополнителни проверки за фирмите што ќе аплицираат за грантови каде што сопственик е актуелен функционер
5 милиони евра од кои 3 од буџетот и 2 милиони со заем од Светската банка обезбеди Фондот за иновации за големи, среди и мали компании кои ќе може да аплицираат за грант од максимум 350 илјади евра, за да ги подобрат своите капацитети. Вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека при изборот на најдобрите проекти за иновативност, ќе одлучуваат две експертски комисии.
„Првиот филтер ќе треба да го поминат кај комисија составена од домашни експерти, а крајниот збор ќе го има втората комисија која е составена од 5 странски експерти. За средни претпријатија, кофинансирањето изнесува 60%, а останатите 40% ги дава компанијата, малите и микро претпријатијата добиваат помош со 70% со цел да ги охрабриме да ги подобрат своите ресурси. Крајната цел е овие компании да станаат конкуренти на пазарот, односно извозно ориентирани и препознаени на странските пазари“, рече Анѓушев.
Анѓушев појасни и дека целиот процес ќе го следи номинирана ревизорска компанија која ќе биде задолжена за тоа дали доделените средства се применуваат во согласност со предложениот проект.
Како што информираше директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, досега формуларот за апликација го пополниле околу 300 компании. Во однос на прашањето дали ќе се спроведува контролен механизам за вмешаност на функционери во сопственичката структура на компаниите, Деспотовски рече дека фирмата при поднесување на документите е должна да приложи изјава со која потврдува дека во сопственоста нема вклучен носител на јавна функција. Но, како што рече и доколку има, тие нема да бидат дисквалификувани, туку ќе бидат дополнително проверувани.
„Носител на јавна функција е широк поим и тука не спаѓаат само министри и заменик-министри. Доколку во некоја компанија има удел функционер, проценка на ризик за загрозување на проектот ќе се врши со посебен протокол, односно во соработка со експертски тим од ‘Транспарентност Македонија’. Доколку се утврди дека има ризик, тогаш компанијата ќе биде одбиена за грант. Знаете, овој механизам го воведовме да нема бранувања во јавноста, како што имаше по првиот повик, односно да бидеме транспарентни и одговорни“, рече Деспотовски.
Тој објасни дека во овој повик право на аплицирање имаат и приватни здравствени установи, ќе бидат отворени и канцеларии во Тетово, Струмица и Битола, за да им се помогне на компаниите од овие региони да се вклучат во проектот. Повикот е отворен до 15 мај, а проектот за кофинансирање ќе трае 24 месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

