Скопје
Спорните ДУП-ови повторно на дневен ред во општина Центар

Претседателот на Советот на скопската општина Центар, Мирослав Шиповиќ, на седница на Советот што треба да се одржи во понеделник во 13 часот, на дневен ред повторно ќе ги стави спорните Детални урбанистички планови Тасино чешмиче и Градски четврт, иако претходно градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски ги отфрли.
Шиповиќ ДУП-овите повторно ги става на дневен ред согласно законската регулатива, според која по две седмици истите се враќаат на гласање.
Градоначалникот Андреј Жерновски веќе еднаш донесе решение за запирање на објавување на одлуката за измени во деталните урбанистички планови.
Минатата недела Жерновски изјави дека доколку на наредната седница на Советот на општина Центар не се промени ништо во однос на донесената одлука, ќе се обрати и до Уставниот суд за времено запирање на одлуката за измени во спорните детални урбанистички планови, од кои со едниот се предвидува и изградба на висококатница на Водно.
Пред две недели советниците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со претседавачот Мирослав Шиповиќ ги поставија овие точки на дневниот ред, по што останатите советници од СДСМ и од коалицијата ја напуштија седницата во чие продолжение 11 советници од од ВМРО – ДПМНЕ гласаа за плановите, додека Шиповиќ се изјасни против.
Иако потегот на Шиповиќ беше сфатен како обезбедување на кворум за гласањето на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш се испостави дека оваа одлука не е легална бидејќи не е донесена со мнозинство од вкупниот број на советници./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Пет лица повредени, една жена во критична состојба во сообраќајка во Скопје

Пет лица се повредени во сериозна сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 19:30 часот на улицата Христијан Тодоровски Карпош во Скопје, соопшти СВР Скопје.
Според полицијата, несреќата се случила помеѓу патничкото возило „голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.С. (41), и „поло“ управувано од А.Ш. (30). Најтешко повредена е сопатничката од „поло“ возилото, Х.С.Ш., додека возачот А.Ш. и другата сопатничка Ш.Ш. (57) се здобиле со телесни повреди.
Повреди добиле и возачот на „голф“ З.С. и неговиот сопатник Ѓ.Х. (42), кои се згрижени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот, а причините за сообраќајката се во тек на истрага.
Скопје
Скопје ќе оживее со 100 мурали, Шукова најавува урбана револуција во градот

Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, денеска го претстави амбициозниот проект „Скопје – град на мурали“, кој предвидува создавање на 100 нови мурали низ градот во првата година од нејзиниот мандат. Проектот има за цел да ја трансформира урбаната средина и да го врати животот во запуштените јавни простори, соопштија од Центарот за комуникации на СДСМ.
„Скопје е дом за сите нас и сакаме да го гледаме чист, убав и инспиративен“, истакна Шукова.
Таа додаде дека многу јавни површини денес изгледаат занемарено, со хаотични графити кои ја нарушуваат естетската слика на градот.
Проектот ќе овозможи современа уметност да ја разубави урбаната средина, но и да пренесе пораки за култура, надеж, заедништво и љубов кон градот.
„Овие мурали нема да бидат само боја на ѕидовите, туку симбол на нашите вредности и заеднички дух“, изјави Шукова.
Во изработката ќе бидат вклучени локални уметници и млади креативци, со што се поддржува домашната уметничка сцена и се стимулира активно граѓанско учество. Кандидатката нагласи дека уметноста може да биде моќен инструмент за обединување и создавање на пријателска, одржлива и инспиративна урбана средина.
„Со заеднички напори, ќе го направиме Скопје поубаво и место на кое секој ќе се гордее“, заклучи Шукова.
Скопје
Таксистите добиваат 200 електрични возила, Меџити го претстави проектот кој ќе го чисти воздухот

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес на работен состанок со Унијата за здруженија на таксисти го претстави проектот за субвенционирање на првите 200 електрични возила за таксисти, како дел од напорите на министерството за почист, потивок и поефикасен урбан транспорт за граѓаните на Скопје и целата држава.
„Овој проект претставува конкретен и значаен чекор кон трансформација на урбаниот транспорт и е дел од стратегијата за борба против загадувањето на воздухот и подобрување на квалитетот на урбаниот живот“, истакна Меџити.
„Возилото што денес го претставуваме е електрично, со високи еколошки стандарди, без штетни емисии, без бучава и со висока енергетска ефикасност“, додаде тој, нагласувајќи дека овие возила во неколку фази ќе ги заменат постојните кои користат дизел, бензин или гас – носејќи значителни придобивки за граѓаните, таксистите и животната средина.
Меџити информираше дека просечната цена на едно електрично возило е 28.000 евра, а Министерството ќе субвенционира 15% од сумата, односно околу 840.000 евра за првите 200 возила.
„Според еколошките експерти, замената на овие возила ќе резултира со намалување од над 2.700 тони CO₂ годишно, што е еквивалентно на садење на повеќе од 120.000 садници. Дополнително, ќе има значително намалување на урбаната бучава, особено во густо населени зони“, нагласи Меџити.
Тој додаде дека Министерството веќе ја иницирало програмата „Car Sharing“ со првите 100 електрични возила за јавна употреба, како и воведување на електрични тротинети и велосипеди во неколку градови.
„Во соработка со Европската Унија преку програмата ‘EU for Clean Air’, реализирана е донација од 6 електрични автобуси за Град Скопје, се зголемени капацитетите за мониторинг на квалитетот на воздухот и се засадени десетици илјади садници низ целата земја“, заклучи Меџити.