Избори 2019
СДСМ: Расте нервозата во ВМРО-ДПМНЕ, залудни се обидите да бараат алиби од извесниот пораз на изборите
ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски секојдневно бараат алиби за извесниот пораз на претседателските избори. Очајот и нервозата се толку видливи што во Белата палата, измислуваат, конструираат случаи во обид да најдат алиби за изборниот период, велат од СДСМ.
„Нивната очајност оди до таму што тие самите денеска цитираат извештај од ОБСЕ за изборите во 2014 година, каде се констатирани изборни неправилности направени токму од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО ДПМНЕ ќе остане запаметена како партија симбол на изборните нерегуларности и закани, притисоци и уцени врз гласачите. Доказ за тоа се и судските предмети што се водат против поранешни функциониери на оваа партија за кривични дели против изборите.
ВМРО-ДПМНЕ не може да понуди ништо освен матрица на лажни вести, измислици и конструирани непостоечки случаи.
Дел од таа матрица е и Гордана Сиљановска, која лажно се претставува како натпартиски кандидат, која едно зборува наутро, а друго попладне.
На претстојните избори ќе се судрат два концепта. Едниот на ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска, кои се на страната на одбрана на криминалот и враќањето на земјата во изолација и неизвесност и другиот концепт на напредок, развој и интеграција предводен од Стево Пендаровски.
Граѓаните на овие избори ќе изберат претседател кој обединува, кој работи исклучиво за државните и граѓански интереси, претседател за сите граѓани. Граѓаните ќе го изберат Стево за нов претседател, Мицкоски, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ можат да се подготват за пораз“, се додава во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Избори 2019
(Видео) Заев со честитки до Пендаровски: Драг Стево, се гледаме наскоро во Скопје, на првото претседателско-премиерско кафе
Премиерот Зоран Заев испрати честитка по повод инаугурацијата на претседателот на државата Стево Пендаровски. Честитката ви ја презентираме во целост:
„Почитувани граѓани, денес нашата земја добива претседател – тоа е нашиот Стево Пендаровски, лидер кој ни се приклучува во водството напред, во нашата заедничка иницијатива со која ја правиме Северна Македонија убаво место за живеење. Денес Пендаровски ја презема должноста да биде претседател на сите граѓани, натпартиски, да се бори за правда и правичност и да ја претставува земјата достоинствено насекаде низ светот.
,,Драг Стево, Нека е честито, успеавме, граѓаните потврдија дека мораме да продолжиме напред, преку заедништво. Ти посакувам успех и верувам во конструктивна соработка во интерес на развојот. Сега одговорноста е голема. Те поддржувам за да им служиш посветено и праведно на сите граѓани и на нашата држава.Честитки, се гледаме наскоро во Скопје, на првото претседателско-премиерско кафе и на првиот работен состанок. Нѐ чека многу заедничка работа, за нашиот народ”, се вели во честитката на Заев.
Избори 2019
Напладне инаугурација на Пендаровски во Собрание, ќе присуствуваат повеќе државници од регионот
Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски денеска ќе ја преземе функцијата, по свечената инаугурацијата во Собранието, по што официјално ќе започне неговиот петгодишен мандат.
На давањето заклетва на петтиот по ред претседател на земјава во 12 часот во Собранието, ќе присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и претседателите на Албанија, Бугарија и на Косово.
Во Кабинетот на претседателот „Вила Водно”, според најавата, во 13.45 часот ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата претседател со највисоки воени и државни почести.
По свечената церемонија, предвидено е претседателот Ѓорге Иванов и претседателот Стево Пендаровски да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува и заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во кабинетот на претседателот.
Пендаровски ќе оствари билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.
Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари билатерални средби и со Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, со Фарук Кајмакчи, заменик МНР на Република Турција и со Пјотр Вавжик, државен потсекретар во МНР на Република Полска.
Пендаровски вчера во Државната изборна комисија (ДИК) го доби уверението за избран претседател, пред неговата утрешна инаугурација во Собранието.
„По првпат, ако не се лажам, а памтам долго бидејќи имам доволен број години, од деведесетите па наваму, сите учесници во изборниот процес го признаа изборниот резултат и тоа е исклучително добра препорака за земјава. За тоа се заслужни не само моите двајца противкандидати на кои им благодарам за однесувањето во целата кампања туку и сите државни институции надлежни за организацијата, од Државната изборна комисија па сè до последниот гласачки одбор. Државата се однесуваше европски во целиот изборен процес“, рече Пендаровски.
Избори 2019
Управниот суд пресече – нема прегласување во Ново Село
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата поднесена од ВМРО – ДПМНЕ за изборите за градоначалник на Ново Село. Тие на својата веб-страница соопштија дека го потврдуваат решението што претходно го донесе Државната изборна комисија.
ВМРО-ДПМНЕ бараше да се поништи гласањето на Избирачкото место број 1789 во постапката за избор на градоначалник на Општина Ново Село и гласањето да се повтори. Тоа го бараа оти констатирале дека во Избирачкиот список за тоа изборно место се потпишале вкупно 411 избирачи, додека во гласачката кутија биле пронајдени 412 ливчиња.
Државната изборна комисија на 11 мај го отфрли приговорот на ВМРО – ДПМНЕ за гласањето на ова избирачко место.