Македонија
Епидемија на морбили има, вакцини во Кичево нема

Речиси цел месец во Здравствениот дом во Кичево нема вакцини против морбили. Родителите реагираат бидејќи иако сакале да ги вакцинираат своите деца, процесот секојдневно се одложува, а во меѓувреме, според препораките на Министерството за здравство, тие не можат да ги носат ниту во градинка.
„Минатиот месец донесоа многу мал број вакцини, кои веднаш се потрошија. Имаме мали деца, а во градот има заболени од вирусот. Постојано ни кажуваат дека ќе пристигнат вакцини, но не знаеме од кои причини тоа не се случува“, ни изјави родител од Кичево.
Од почетокот на епидемијата во декември 2018 заклучно со 12 април годинава во Кичево се регистрирани 30 случаи на заболени од морбили.
Кога се јавивме во Здравствениот дом во Кичево ни одговорија дека вакцини нема и не знаат кога ќе има.
„Најдобро е вие вака да се јавувате секој ден, па кога ќе пристигнат ќе ви кажеме за веднаш да дојдете, бидејќи и тогаш не знаеме дали ќе има доволно“, ни рекоа од Здравствениот дом.
Од Министерството за здравство, пак, тврдат дека „дистрибуцијата на вакцини по здравствените домови се спороведува согласно доставени барања од нивна страна до министерството“.
„Во одредени случаи, како епидемијата со мали сипаници, сите установи каде има потреба од дополнителни количини доставуваат барање за дополнителна достава на потребните количини вакцини. На барањето од ЗД Кичево, од страна на Министерството за здравство веднаш е направено дополнување на потребите за првиот квартал од 2019 година, поради прогласување на епидемија на мали сипаници и зголемен број на вакцинирања со MRP вакцина. Дистрибуцијата на овие количини е спроведена“, велат од Министерството за „Макфакс“.
Оттаму, неизвесно останува како во Здравствениот дом во Кичево тврдат дека вакцини нема, а од Министерството се децидни дека е извршена достава.
Тендерот за вакцини за континуирана имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации на населението за период јуни 2018-јуни 2020 година беше склучен минатиот месец. Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека веќе има и нови количини од новата набавка.
„До петок ќе бидат дистрибуирани во сите центри за јавно здравје во вакциналните пунктови во здравствените домови, и во овој момент нема некој центар што нема. Залихите од претходната набавка се при крај и вакцини ќе има за сите возрасни групи за кои е препорачано вакцинирањето“, рече Филипче.
Од Институтот за јавно здравје вчера соопштија дека има над 1.000 заболени од вирусот на морбили во повеќе градови, прогласена е епидемија во целата земја и сите деца кои не се вакцинирани ќе им се забрани одење во градинка. Освен овие мерка се намалува и старосната граница за вакцинирање на децата од 12 на 6 месеци. Нема дополнителни мерки за основците и средношколците.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 55 пациенти, од кои 26 деца. Во потешка здравствена состојба се 7 од заразените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.
Македонија
(Видео) Василевски: Нула нови градинки за 4 години во Аеродром, околу 700 деца чекаат за запишување секоја година

Изминаа речиси 4 години откако ВМРО-ДПМНЕ ја освои локалната власт. И По 4 години, ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром не изгради ниту една од ветените 4 нови градинки, рече денеска на прес-конференција Бојан Василевски, ОО СДСМ Аеродром.
„Овиe градинки беа првиот од 7-те топ приоритети на Муцунски и Митески во програмата со кои ја освоија довербата на нашите сограѓани од Аеродром. Митески и Муцунски ветија целосно нови градинки во Острово, Мичурин, Лисиче и Долно Лисиче, но еве, четири години подоцна, ниту една од овие ветени градинки до денес не е ни започната со градба“, вели Василевски.
Според него, околу 700 дечиња годишно се на листа за чекање за упис во градинка, заради недостатокот на места во градинките во Аеродром.
„ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром покажа целосна незаинтересираност за решавање на овој проблем. Единствениот објект на градинка кој се гради во моментов во Стар Аеродром е со 70.000.000 денари, средства обезбедени од Владата на СДСМ во 2024 година. Само за споредба, кога со Општина Аеродром управуваше СДСМ се изградија 2 нови градинки со вкупен капацитет од 400 деца. Целосно нов објект Црвенкапа во Стар Аеродром со капацитет од 200 деца и целосно нов објект Буба Мара во Ново Лисиче со капацитет од исто така 200 деца“, кажа Василевски.