Избори 2019
СЕММ, ЗНМ, ССНМ, МИМ: Очекуваме силни заложби за реформи во медиумите
Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), на Светскиот ден за слобода на медиумите – 3 мај, потсетија на потребата од сериозен ангажман на сите релевантни актери околу крупните реформски чекори во медиумскиот сектор во државата.
Оттаму велат дека во изминатиот период се преземени извесни напори кои што резултираа со подобрување на амбиентот во кој работат новинарите и медиумските работници, што, пак, го подобри имиџот на државата во меѓународните извештаи за слобода на медиумите во светот.
„За илустрација, нашата земја е рангирана на 95-то место според последниот светски Индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, скокајќи 14 места во однос на претходниот извештај за 2018 година. Сепак, потсетуваме дека клучните системски промени во медиумскиот сектор сè уште не се завршени, меѓу кои се реформите во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор. Освен тоа, комерцијалните медиуми и понатаму се соочуваат со силни предизвици поради малиот и ограничен маркетиншки пазар, што, пак, влијае врз квалитетот на медиумските содржини. Во исто време, апелираме до власта и институциите на системот секое решение во однос на подобрување на состојбите во новинарството и медиумските содржини да биде во координација и усогласено со професионалната медиумска и новинарска заедница во државата.
Во првата половина од 2019 година бележиме повеќе инциденти во кои што се повредени правата на новинарите, снимателите и останатите медиумски работници, на што ние, како организации кои ги штитат интересите на новинарите, постојано укажуваме. Го повикуваме Основното јавно обвинителство и судовите да ги обработат и доведат до завршница случаите на повреда на правата на новинарите, како и случаите на говор на омраза, со цел да се надмине долгогодишната пракса на неказнивост, спречувајќи ја на тој начин неправдата кон новинарската и медиумската заедница“ се вели во заедничкото соопштение.
Потсетија и на потребата од преземање итни мерки во однос на работничките права на новинарите и медиумските работници, имајќи предвид, како што велат, дека половина од нив се без договор за вработување на неопределено време, а особено во сферата на онлајн медиумите. Во таа насока, од институциите на системот очекуваат санкционирање на постојаните прекршување на Законот за работни односи и обезбедување атмосфера која ќе поттикнува социјален дијалог и решавање на прашањето на работните услови.
Четирите организации порачаа дека и во иднина ќе се залагаат за силно промовирање на медиумската саморегулација како механизам за унапредување на професионализмот, етиката и независноста во медиумите, спречување на влијанието на различни центри на моќ и исполнување на правото на јавноста за квалитетно и независно информирање.
Во пресрет на вториот круг на претседателските избори во државата, тие ги потсетија медиумите на нивните обврски да известуваат професионално и во согласност со Повелбата на СЕММ за етичко известување на медиумите, чии принципи се следниве:
-вистинитост и објективност
-избалансираност
-јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите
-чесност и независност
-професионална солидарност меѓу медиумите
-уредувачка независност и професионален интегритет
-почит и толерантност
-слобода и одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Избори 2019
(Видео) Заев со честитки до Пендаровски: Драг Стево, се гледаме наскоро во Скопје, на првото претседателско-премиерско кафе
Премиерот Зоран Заев испрати честитка по повод инаугурацијата на претседателот на државата Стево Пендаровски. Честитката ви ја презентираме во целост:
„Почитувани граѓани, денес нашата земја добива претседател – тоа е нашиот Стево Пендаровски, лидер кој ни се приклучува во водството напред, во нашата заедничка иницијатива со која ја правиме Северна Македонија убаво место за живеење. Денес Пендаровски ја презема должноста да биде претседател на сите граѓани, натпартиски, да се бори за правда и правичност и да ја претставува земјата достоинствено насекаде низ светот.
,,Драг Стево, Нека е честито, успеавме, граѓаните потврдија дека мораме да продолжиме напред, преку заедништво. Ти посакувам успех и верувам во конструктивна соработка во интерес на развојот. Сега одговорноста е голема. Те поддржувам за да им служиш посветено и праведно на сите граѓани и на нашата држава.Честитки, се гледаме наскоро во Скопје, на првото претседателско-премиерско кафе и на првиот работен состанок. Нѐ чека многу заедничка работа, за нашиот народ”, се вели во честитката на Заев.
Избори 2019
Напладне инаугурација на Пендаровски во Собрание, ќе присуствуваат повеќе државници од регионот
Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски денеска ќе ја преземе функцијата, по свечената инаугурацијата во Собранието, по што официјално ќе започне неговиот петгодишен мандат.
На давањето заклетва на петтиот по ред претседател на земјава во 12 часот во Собранието, ќе присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и претседателите на Албанија, Бугарија и на Косово.
Во Кабинетот на претседателот „Вила Водно”, според најавата, во 13.45 часот ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата претседател со највисоки воени и државни почести.
По свечената церемонија, предвидено е претседателот Ѓорге Иванов и претседателот Стево Пендаровски да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува и заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во кабинетот на претседателот.
Пендаровски ќе оствари билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.
Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари билатерални средби и со Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, со Фарук Кајмакчи, заменик МНР на Република Турција и со Пјотр Вавжик, државен потсекретар во МНР на Република Полска.
Пендаровски вчера во Државната изборна комисија (ДИК) го доби уверението за избран претседател, пред неговата утрешна инаугурација во Собранието.
„По првпат, ако не се лажам, а памтам долго бидејќи имам доволен број години, од деведесетите па наваму, сите учесници во изборниот процес го признаа изборниот резултат и тоа е исклучително добра препорака за земјава. За тоа се заслужни не само моите двајца противкандидати на кои им благодарам за однесувањето во целата кампања туку и сите државни институции надлежни за организацијата, од Државната изборна комисија па сè до последниот гласачки одбор. Државата се однесуваше европски во целиот изборен процес“, рече Пендаровски.
Избори 2019
Управниот суд пресече – нема прегласување во Ново Село
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата поднесена од ВМРО – ДПМНЕ за изборите за градоначалник на Ново Село. Тие на својата веб-страница соопштија дека го потврдуваат решението што претходно го донесе Државната изборна комисија.
ВМРО-ДПМНЕ бараше да се поништи гласањето на Избирачкото место број 1789 во постапката за избор на градоначалник на Општина Ново Село и гласањето да се повтори. Тоа го бараа оти констатирале дека во Избирачкиот список за тоа изборно место се потпишале вкупно 411 избирачи, додека во гласачката кутија биле пронајдени 412 ливчиња.
Државната изборна комисија на 11 мај го отфрли приговорот на ВМРО – ДПМНЕ за гласањето на ова избирачко место.