Избори 2019
„Мост“ го следи гласањето со над 1.500 набљудувачи
Граѓанската асоцијација „Мост“ го следи денешното гласање со повеќе од 1.500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 33 отсто од вкупниот број гласачки места во земјата.
Набљудувачите на „Мост“ се статични и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, „Мост“ има распоредено и 100 мобилни тима, составени од по 2 набљудувача, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат местата на кои „Мост“ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
Како и на претходните изборни процеси, Граѓанската асоцијација „Мост“ го спроведува проектот во согласност со Декларацијата за универзални принципи за непартиско набљудување на изборите од страна на граѓански организации, како и другите меѓународно признати стандарди за домашно набљудување на изборите.
Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, сите гласачки места на кои „Мост“ има распоредено свои набљудувачи се отворени навреме и досега не се забележани неправилности во спроведувањето на постапката на гласање.
Во текот на денот на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.
Потенцираме дека набљудувач на „Мост“ е единствено оној граѓанин што носи жолта маичка на која на предната лева страна стои логото на „Мост“ и е испишано Monitoring 2019, поседува акредитација од ДИК и овластување од „Мост“ исклучиво за вториот круг од изборите.
Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите „Мост“ ќе ѝ ги соопшти на јавноста во 11, 14, 17 и во 19 часот, а дополнително ќе биде објавен терминот на последната прес-конференција, на која ќе бидат соопштени резултатите од ПВТ-програмата за одѕивот и распределбата на гласовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Избори 2019
(Видео) Заев со честитки до Пендаровски: Драг Стево, се гледаме наскоро во Скопје, на првото претседателско-премиерско кафе
Премиерот Зоран Заев испрати честитка по повод инаугурацијата на претседателот на државата Стево Пендаровски. Честитката ви ја презентираме во целост:
„Почитувани граѓани, денес нашата земја добива претседател – тоа е нашиот Стево Пендаровски, лидер кој ни се приклучува во водството напред, во нашата заедничка иницијатива со која ја правиме Северна Македонија убаво место за живеење. Денес Пендаровски ја презема должноста да биде претседател на сите граѓани, натпартиски, да се бори за правда и правичност и да ја претставува земјата достоинствено насекаде низ светот.
,,Драг Стево, Нека е честито, успеавме, граѓаните потврдија дека мораме да продолжиме напред, преку заедништво. Ти посакувам успех и верувам во конструктивна соработка во интерес на развојот. Сега одговорноста е голема. Те поддржувам за да им служиш посветено и праведно на сите граѓани и на нашата држава.Честитки, се гледаме наскоро во Скопје, на првото претседателско-премиерско кафе и на првиот работен состанок. Нѐ чека многу заедничка работа, за нашиот народ”, се вели во честитката на Заев.
Избори 2019
Напладне инаугурација на Пендаровски во Собрание, ќе присуствуваат повеќе државници од регионот
Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски денеска ќе ја преземе функцијата, по свечената инаугурацијата во Собранието, по што официјално ќе започне неговиот петгодишен мандат.
На давањето заклетва на петтиот по ред претседател на земјава во 12 часот во Собранието, ќе присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и претседателите на Албанија, Бугарија и на Косово.
Во Кабинетот на претседателот „Вила Водно”, според најавата, во 13.45 часот ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата претседател со највисоки воени и државни почести.
По свечената церемонија, предвидено е претседателот Ѓорге Иванов и претседателот Стево Пендаровски да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува и заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во кабинетот на претседателот.
Пендаровски ќе оствари билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.
Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари билатерални средби и со Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, со Фарук Кајмакчи, заменик МНР на Република Турција и со Пјотр Вавжик, државен потсекретар во МНР на Република Полска.
Пендаровски вчера во Државната изборна комисија (ДИК) го доби уверението за избран претседател, пред неговата утрешна инаугурација во Собранието.
„По првпат, ако не се лажам, а памтам долго бидејќи имам доволен број години, од деведесетите па наваму, сите учесници во изборниот процес го признаа изборниот резултат и тоа е исклучително добра препорака за земјава. За тоа се заслужни не само моите двајца противкандидати на кои им благодарам за однесувањето во целата кампања туку и сите државни институции надлежни за организацијата, од Државната изборна комисија па сè до последниот гласачки одбор. Државата се однесуваше европски во целиот изборен процес“, рече Пендаровски.
Избори 2019
Управниот суд пресече – нема прегласување во Ново Село
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата поднесена од ВМРО – ДПМНЕ за изборите за градоначалник на Ново Село. Тие на својата веб-страница соопштија дека го потврдуваат решението што претходно го донесе Државната изборна комисија.
ВМРО-ДПМНЕ бараше да се поништи гласањето на Избирачкото место број 1789 во постапката за избор на градоначалник на Општина Ново Село и гласањето да се повтори. Тоа го бараа оти констатирале дека во Избирачкиот список за тоа изборно место се потпишале вкупно 411 избирачи, додека во гласачката кутија биле пронајдени 412 ливчиња.
Државната изборна комисија на 11 мај го отфрли приговорот на ВМРО – ДПМНЕ за гласањето на ова избирачко место.