Економија
Заев на годишната средба на ЕБОР во Сараево со лидерите од Западен Балкан
Редовната средба на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) годинава ќе се одржи во Сараево од 7 до 9 мај, а на неа ќе учествува и премиерот Заев заедно со сите други лидери на земјите од Западен Балкан. Повеќе од 2.000 претставници на меѓународната бизнис-заедница, инвеститори, високи владини службеници (гувернери на ЕБОР, министри за финансии, економисти, благајници или централни банки), како и лица од граѓанските организации, ќе ја посетат Босна и Херцеговина.
Освен Заев, на настанот ќе учествуваат и Денис Звиздиќ – претседавачот на советот на министри на БиХ, претседателот на Црна Гора – Мило Ѓукановиќ, премиерот на Албанија – Еди Рама, претседателот на Косово – Хашим Тачи и претседателот на Србија – Александар Вучиќ.
Лидерите на земјите од Западен Балкан ќе се сретнат во рамките на програмата на оваа конференција и ќе дискутираат за низа прашања од економска и политичка природа, кои се клучни за целиот регион. Главната тема на годинашниот бизнис-форум ќе биде „Поврзување на економиите за посилен раст“, а агендата ќе покрие широк опсег на области релевантни за сите држави во кои ЕБОР работи, како: инвестиции, миграција, туризам, дигитизација. Ќе се водат и дискусии за регионални прашања со фокус на можностите за инвестиции во Западен Балкан.
Европската банка за обнова и развој како меѓународна финансиска институција што поддржува проекти во над 30 земји од светот минатата година инвестира 1,1 милијарда евра во државите од Западен Балкан, што е досегашен рекорд, а годинава се очекуваат и дополнителни инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf
Економија
Божиновска–Мелинвуд: Започнува најобемната енергетска обнова на јавните згради досега
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Мелани Мелинвуд, претставник на Француската агенција за развој (AFD), а во врска со реализацијата на Планот за реконструкција на јавните згради – еден од клучните столбови на Реформската агенда на државата.
Фокусот на средбата беше ставен на имплементацијата на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите на јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – стратешки документ што поставува јасна, тригодишна рамка за најмасовната и најсистемска енергетска обнова на јавни објекти во земјата досега.
Станува збор за План што веќе е усвоен од Владата по сеопфатен процес на усогласување со вкупно 33 институции, што ја потврдува неговата институционална тежина и стратешко значење за модернизација на јавниот сектор.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како носител на оваа стратешка реформа, интензивно работи на обезбедување финансиски средства за реализација на обврските што произлегуваат од Реформската агенда, како и од постојните законски обврски. Согласно законската рамка, секоја година е предвидено да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност се задолжителен и нераздвоен дел од секоја реконструкција, истакнуваат од таму.
На средбата беше истакнато дека во моментов е во подготовка таканаречената scoping студија (студија за определување на опфат), со која детално ќе се утврдат параметрите за рехабилитација и обнова на зградите, како и јасни критериуми за приоритизација на објектите што први ќе влезат во процесот на реконструкција.
Со ова, е нагласено во соопштението, државата прави крупен исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за јавниот сектор, подобри услови за работа во институциите и значително намалување на емисиите на штетни гасови, во согласност со европските климатски политики.
„Оваа реформа претставува конкретен чекор кон позелена, поекономична и поодржлива јавна администрација – со директни придобивки за граѓаните и за државниот буџет“.
Економија
Трипуновски: Досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун во вредност од 170 милиони евра
Денес, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство и претседателот на Сојузот, посетивме неколку откупни пунктови со цел да се направи увид во завршната фаза од откупот на тутунот, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Според последните податоци, досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун од последната реколта, просечната цена е 419,15 денари за килограм“, посочи тој.
Министерот Трипуновски додаде дека вкупната вредност на откупениот тутун изнесува околу 170 милиони евра, од кои 95,6% веќе се исплатени на тутунопроизводителите кои го имаат предадено својот род.
„Останува уште мала количина тутун која согласно предвидената динамика, ќе биде откупена во наредниот период. Секоја откупна компанија ќе има отворен пункт до крајниот рок за откуп, кој трае до крајот на месец февруари“, појасни министерот.

