Црна хроника
Над 110 кривични дела евидентирани во Скопје за 12 дена
Секторот за внатрешни работи Скопје во периодот од 28.03. до 09.04.2014 година документираше 112 кривични дела сторени на подрачјето на градот во различни реони, процесуирајќи 71 кривична пријава против 101 осомничено лице, соопшти во саботата МВР.
Конкретно, Отсекот за тешки кражби поднесе 16 кривични пријави против 20 лица за 19 расветлени кривични дела и тоа за дела како „тешка кражба“ , “тешка кражба”во обид, “прикривање”, “кражба” и други дела во ингеренции на отсекот за разбојништва и дрски кражби, отсекот за моторни возила и отсекот за џебни кражби.Одделението за малолетници поднесе 13 кривични пријави против 15 лица со што расветли 17 кривични дела и тоа “телесна повреда”, “запуштање и малтретирање малолетно лице”, “загрозување на сигурноста”, “тешка телесна повреда”, “насилство” и “предизвикување општа опасност”.Канцелариите за криминалистички работи поднесоа вкупно 38 кривични пријави против 58 лица со кои се расветлени 68 кривични дела како “тешка кражба“, “кражби“ и “одземање на моторни возила“.Единицата за насилен криминал реализираше 21 кривично дело за што пријавени се 44 лица а поднесени се 19 кривични пријави. Поднесените пријави се за расветлени кривични дела “недозволено изработување и тргување до оружје и распрскувачки материјали”, “тешка телесна повреда”, “учество во тепачка”, “напад на службено лице при вршење работи на безбедноста”, “предизвикување општа опасност”, “насилство”, “противправно лишување од слобода”, “полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години”, “тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот” и “загрозување на сигурноста”.Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје реализираше две кривични дела за што кривично се пријавени две лица од Скопје, на двете лица им е одредена мерка притвор 30 дена. Едно од делата е во рамки на акцијата “Мрежа“ и истата е насочена против трговијата со наркотици. Досега во акцијата лишени од слобода се над 40 лица а запленета е поголема количина на наркотична дрога, само во последниот случај реализиран почетокот на неделата запленети се на 135 килограми наркотична дрога марихуана.Единицата за економски криминал и корупција поднесе една кривична пријави против едно лице за сторено кривично дело “бесправно градење“.Одделението за извршени увиди за сообраќајни незгоди поднесе 44 кривични пријави против исто толку сторители под основано сомнение дека истите сториле кривично дело од областа на сообраќајот и тоа 11 дела – “тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и 33 дела – “загрозување на безбедноста на сообраќајот“.Единицата за извиди и потраги лиши од слобода вкупно 21 лице кои се бараа од страна на Основен Суд Скопје 1 за различни дела и тоа: “злоупотреба на службена положба и овластување“, “задоволување полови страсти пред друг”, “кражба“, “тешка кражба“, “разбојништво”, “спречување службено лице во вршење службено дејствие”, “измама”, “прикривање” и “загрозување на безбедноста на сообраќајот”.Единицата за прв одговор и интервенција – алфа изврши легитимирање на 626 лица, 145 прегледи на ПМВ и приведе вкупно 203 лица.Меѓу покарактеристичните дела кои се расчистени е кривичната пријава против четири лица од Скопје одговорни за серија имотни деликти – А.Н. (20), кој извршил девет кривични дела од кои пет – “тешки кражби“ , две “тешки кражби во обид“и две “кражби“ (со мала материјална вредност кои се гонат по приватна тужба), М.М. (21), кој извршил 10 кривични дела од кои шест – “тешки кражби“, две “тешки кражби во обид“ и две “кражби“ (со мала материјална вредност кои се гонат по приватна тужба), потоа К.Т. (19) кој извршил три кривични дела, односно две “тешки кражби“ и една “кражба“ (со мала материјална вредност која се гонат по приватна тужба) и М.М. (22) за извршено едно кривично дело “тешка кражба“.Кривичните дела пријавените ги извршиле во текот на февруари и март годинава и тоа девет на подрачјето на Ѓорче Петров, во село Волково осум и по една во село Ново Село и на подрачје на Гази Баба во село Кадино. Притоа кривичните дела ги извршиле во различен состав при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 510.500 денари. Сторителите тешките кражби ги извршувале во ноќните часови, а додека две кражби се извршени на пладне. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

