Регион
Голема антитерористичка операција во Германија, уапсени осумина Балканци
Во германскиот град Оберхаусен во текот на ноќта е спроведена голема антитерористичка операција во која уапсени се осум луѓе, јави „Билд“.
Околу 4 часот утрово 150 полицајци влегле во седум куќи во сопствеништво на големо семејство во Оберхаусен. Се претпоставува дека се работи за терористичка ќелија.
Портпаролот на полицијата рекол дека членовите на семејството се под сомнение дека соработувале со Исламската држава и дека ја финансирале терористичката организација. Тој нагласил дека засега нема докази дека и самото семејство планирало терористички напади.
Меѓу уапсените се мажи и жени на возраст од 19 до 58 години. Седуммина од нив имаат германски пасоши, но дошле од Балканот, пишува „Билд“. Едно лице е од Босна и Херцеговина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Димна бомба на седницата на Уставниот комитет на Парламентот на Црна Гора
Димна бомба е фрлена на седницата на Уставниот комитет на Парламентот на Црна Гора.
Ова уследи откако потпретседателот на Комитетот и пратеник на Демократската партија на социјалистите, Нермин Абдиќ изјави дека тој и неговите колеги нема да дозволат седницата да продолжи, пренесе „Вијести“.
И покрај фрлањето димна бомба, седницата продолжи и беа донесени заклучоци да се објави оглас за избор на двајца судии на Уставниот суд избрани од Собранието и да се разговара со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, за тој да објави оглас за избор на уште двајца судии на Уставниот суд за кои одговара, пренесува медиумот.
Не се знае кој ја активирал димната бомба, а на видеото се гледа дека во делот од салата каде седат дел од пратениците на ДПС почнал да излегува чад. Во еден момент пратеникот на таа партија Абаз Диздаревиќ зел запалена димна бомба и ја ставил на масата.
На дневен ред на седницата беше „разгледување на прашања поврзани со објавувањето на јавен повик за избор на судии на Уставниот суд на Црна Гора“.
Регион
Албанија отвора уште еден кластер во преговорите со ЕУ
Во Брисел денеска се одржа третата меѓувладина конференција ЕУ – Албанија, на која за земјата беше отворен Кластерот 6 за надворешна политика.
Кластерот 6 се состои од преговарачките поглавја 30 (надворешни односи) и 31 (надворешна, безбедносна и одбранбена политика).
Делегацијата на ЕУ на меѓувладината конференција беше предводена од министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, во име на Унгарија, која претседава со Унијата до крајот на годината, и од албанскиот премиер, Еди Рама.
Учествуваше и европската комесарка за проширување, Марта Кос.
Албанија го отвори првиот кластер во преговорите за членство во ЕУ на 15 октомври.
„Денеска, ја одржавме втората меѓувладина конференција со Албанија за време на унгарското претседателство преземајќи уште еден конкретен чекор во претпристапниот процес. Овој напредок го одразува нашиот силен фокус на интеграцијата на Западен Балкан, што е од клучно значење за стабилноста и иднината на ЕУ“, рече Сијарто.
Рама во Брисел истакна дека амбицијата на Албанија е да отвори повеќе кластери до пролет, а потоа да го заврши отворањето на поглавјата в година. Тој додаде дека отворањето на Кластерот 6 ја мотивира Тирана на патот кон ЕУ.
Во соопштението на Советот на ЕУ се наведува дека напредокот во усогласувањето и спроведувањето на правото на ЕУ и релевантните европски стандарди ќе продолжи да се следи за време на преговорите со Албанија.
Регион
Маж од Пеќ уапсен по 18 години криење на Косово: екстрадиран во Америка за убиство на случаен минувач
Косовските власти минатата недела го екстрадираа Ахмет Гаши (42) од Косово во САД, осомничен за убиство, по кој се трагаше 18 години.
Амбасадорот Џеф Ховениер во објава на платформата Х рече дека минатата недела американско-косовскиот договор за екстрадиција бил искористен за испраќање на осомничениот Ахмет Гаши од Косово во САД за да му се суди.
Ахмет е од Пеќ и е осомничен за убиство на случаен минувач во 2006 година додека се возел со својот џип на авенијата Белмонт по тепачка во кафеана, пишува „Газета експрес“.
Судењето ќе почне на 16 јануари 2025 година. Според истрагата, на 31 декември 2006 година, околу 4.35 часот, Гаши се скарал и физички се пресметал во ресторанот и барот „Месечева светлина“ на авенијата Белмонт бр. 2370. Откога бил исфрлен, Гаши продолжил да се расправа со луѓе надвор од барот и му било кажано да си замине.
Гаши наводно влегол во својот црн автомобил, излетал на тротоарот, ја растерал толпата луѓе и го удрил Кемал Коленовиќ (28). Коленовиќ, невин случаен минувач, од првиот удар бил фрлен во блокот и починал од повредите, пишува „Газета експрес“.
Според обвинението, Гаши побегнал во Косово и бил екстрадиран во САД на 13 декември 2024 година.