Македонија
Заев – Иконен: Поддршка од Финска земјава ова лето да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ

Премиерот Зоран Заев се сретна со Перти Иконен, амбасадорот на Република Финска, кој го завршува својот мандат во земјата.
„На средбата е потврдена поддршката од Република Финска за политиките на проширување на Европската Унија, како и поддршката Република Северна Македонија ова лето да добие датум за преговори со ЕУ. Констатирано е дека договорот од Преспа е вредно постигнување како за нашата држава така и за регионот и Европа затоа што е пример како преку искрени политики на дијалог се можни решенија на билатерални прашања. Оценето е дека ефикасните политики на премиерот Заев и на Владата се доказ дека се можни позитивните промени за кус временски период, а изразено е и охрабрување Република Северна Македонија да продолжи по овој пат за добрата иднина на граѓаните и државата“, соопштија од владината прес-служба.
Заев рекол дека целта на земјата е ова лето да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ.
„Светиме на Балканот, немаме повеќе отворени билатерални прашања со соседите, во финална фаза на усогласување со опозицијата е Законот за јавното обвинителство, очекуваме со одговорност од сите страни да биде донесен во текот на мај и овој закон од правосудните реформи. Покажавме капацитет за спроведување на реформите, за дијалог и за единство, ова се европски вредности и очекуваме ова да биде вреднувано на самитот на ЕУ во јуни“, рекол премиерот Заев.
На средбата била посебно нагласена важноста од владеењето на правото и имплементацијата на правосудните реформи.
Се разговарало и за можноста за експертска помош од Финска во делот на даночните политики, како и за примена на искуства од Финска во области важни за граѓаните, младите и економијата, како што е образованието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.