Македонија
Прилеп го одбележа 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа
Со положување свежо цвеќе на Могилата на непобедените во Паркот на револуцијата, Општина Прилеп ги одбележа 74-годишнината од победата над фашизмот и 69-годишнината од Денот на Европа.
Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, истакна дека, сеќавајќи се на 9 мај 1945 година, не смееме да дозволиме да се повтори ново крвопролевање како она од Втората светска војна кога животите ги загубија повеќе од 50 милиони луѓе.
„Се сеќаваме на сите оние борци што ги изгубиле животите и кои придонесоа да ја имаме денешната слобода. Како ние, така и младите генерации за кои во иднина треба да обезбедиме подобар живот. Во оваа пригода сакам да потенцирам дека како и досега, Општина Прилеп и годинава овој ден го чествува заедно со Руската Федерација затоа што овој датум е длабоко врежан во срцата на сите наши граѓани. Исто така, денеска го славиме и Денот на Европа бидејќи на денешен ден 1950 година е донесена Шумановата декларација, што претставува основа за основањето на Европската заедница, денешната Европска Унија. Денеска се навршуваат и 75 години од херојската смрт на народните херои Кире Гаврилоски-Јане и Круме Волнароски, кои загинаа на денешен ден 1944 година“, изјави градоначалникот Јованоски.
Заблагодарувајќи ѝ се на Општина Прилеп за денешното одбележување на овој значаен датум, Алексеј Кривошев, втор секретар на Амбасадата на Руската Федерација, рече дека начинот на кој во Прилеп и Македонија се прославува 9 Мај ја покажува неговата големина и важност.
„Можам да кажам дека ако 9 Мај на овој начин се прославува секоја година, тоа значи дека никогаш нема да се заборави тој подвиг на борците што ги дале своите животи на олтарот на победата над фашизмот. Секое име што го гледаме на овој споменик е како зрак светлина за слободната иднина. Животот оди напред, но никогаш не се заборава подвигот на тие борци. Слава им за сите времиња“, потенцира Кривошев.
Покрај градоначалникот Јованоски и претставниците на Руската Федерација, во чест на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа цвеќе на Могилата на непобедените положија и претставници на Армијата, на Советот на Општина Прилеп, Сојузот на борците и здруженија на граѓани, а ученици од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ изведоа пригодна програма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето викендов: Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремено врнежи од дожд, наместа пообилни, проследени со грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 19 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно, попладне и кон крајот на денот со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината врнежите ќе бидат пообилни, проследени со појава на грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Под влијание на циклонска активност во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Врнежите наместа ќе бидат пообилни, локално во форма на невреме, проследени со грмежи и засилен ветер. Потоа времето ќе биде стабилно со пораст на дневната температура.
Македонија
Средби на претседателот на Собранието Гаши во Истанбул
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, придружуван од пратениците: Бејџан Иљас, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Мерита Колчи Коџаџику и Беким Сали, ја продолжува официјална посета на Република Турција со средби во Истанбул.
Делегацијата присуствуваше на Конференцијата за отворање на академската година 2024-2025 на Универзитетот Мармара, кој е еден од најстарите и најпрестижните универзитети во Турција. Претседателот Африм Гаши одржа предавање на тема: „Односите меѓу Северна Македонија и Турција на историски и политички план, актуелни прашања во светот“ пред ректорот, професорите и студентите на овој Универзитет.
Тој се осврна на заедничката географија и историја, образованието, културата и градењето на нацијата, заедничката геополитика и перспективите како би можел да изгледа заедничкиот свет во иднина. Изрази убедување дека Балканот повторно ќе се обедини, не само како географска целина, туку и како место на допир на цивилизациите, културите и религиите во пошироки размери, каде што ќе преовладува мирот, безбедноста и благосостојбата.
Тој посочи дека Република Северна Македонија е пример дека и на овие простори може да се гради соживот, градејќи држава и општество со различности, но во комплементарно единство.
На средбата со Одборот за надворешни економски односи Турција-Северна Македонија, стана збор за можностите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, која треба да го следи примерот на одличните политички односи. Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Гаши истакна дека државните институции прават сè што е во нивна моќ за да се олесни економската соработка, за што придонесува и географската близина, добрата инфраструктурна поврзaност и директните авионски линии меѓу двете земји. Беше подвлечено дека се заемни заложбите на двете земји за зголемување на вкупната трговска размена и беше изразено очекување за проширување на интересот на турските компании за инвестирање во Република Северна Македонија.
Во рамките на официјалната посета на Република Турција беше остварена и средба со граѓани од Република Северна Македонија кои престојуваат во Истанбул. Претседателот Гаши нагласи дека Република Северна Македонија и Република Турција ги поврзуваат историски и културни врски и во тој поглед, иселениците претставуваат значајна алка во цврстото пријателство и плодната соработка меѓу двете земји.
Македонија
Средба Коцевски-Вал
Меѓусебната соработка на Јавното обвинителство и Мисијата на ОБСЕ беше тема на денешната средба на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски со амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата ОБСЕ во Скопје.
Притоа амбасадорот Вал го запозна обвинителот Коцевски со планираната реформа на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и новата тригодишна стратегија, во рамките на која првиот од петте кластери со активности ќе се однесува на кривичното правосудство. Во моментов Мисијата на ОБСЕ врши мапирање на потребите и проценка на секторот правосудство, при што побара соодветен придонес и од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител Коцевски се заблагодари на досегашната поддршка од Мисијата на ОБСЕ и детално го запозна амбасадорот со предизвиците и потребите со кои се соочува обвинителството.