Економија
Народната банка очекува 3,5 отсто економски раст во 2019 година
Народната банка за 2019 година предвидува стабилен економски раст од 3,5 отсто од БДП, со раздвижување на капиталните инвестиции, кои според проекциите треба да учествуваат со 8 отсто од БДП. Се очекува прилив на нови странски инвестиции за кои веќе има најави со склучени договори со фирми што би отвориле бизниси во државата.
„Имајќи го предвид нешто повисокиот раст од проектираниот за 2018 година, како и поповолниот домашен амбиент, а во услови на понеповолен надворешен амбиент и зголемени ризици од надворешното опкружување, најновите проекции ги потврдуваат октомвриските очекувања за економски раст од 3,5 отсто оваа година и негово натамошно забрзување на 3,8 отсто во 2020 година и на 4 отсто во 2021 година. Во однос на изворите на растот, позитивен импулс се очекува од домашната побарувачка, при натамошен раст на личната потрошувачка и закрепнување на инвестициската активност, а позитивен придонес се очекува и од понатамошното зголемување на активноста во извозниот сектор“, рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска при презентирањето на макроекономските прокеции за 2019-2021 година.
Во однос на инфлацијата, се очекува таа да биде на пониско ниво од минатата година, со благ раст на цените.
„Во поглед на идната патека на движење на цените во домашната економија, најновите проекции упатуваат на задржување на амбиентот на стабилни цени и отсуство на позначителни инфлациски притисоци. Поради тековно пониските остварувања и очекувањата за послаби притисоци од цените на примарните производи и странската ефективна инфлација во претстојниот период годинава, кај проекцијата на домашната инфлација е направена надолна корекција за оваа година, односно стапката на инфлација е ревидирана на 1,5 отсто наспроти претходно очекуваните 2 отсто. И според најновите согледувања, како и во претходниот циклус проекции, се очекува динамиката на раст на домашните цени во 2020 и 2021 година да изнесува околу 2 отсто“, велат проекциите на Народната банка.
Во однос на ризиците за макроекономското сценарио, неповолните ризици во делот на надворешното опкружување се оценети како поизразени во споредба со претходниот циклус проекции. Тие главно се поврзуваат со присутната неизвесност поради глобалните трговски тензии, променливоста на финансиските услови и на цените на примарните производи, неизвесниот исход од процесот брегзит, како и геополитичките ризици. Од друга страна, домашниот амбиент се оценува како постабилен, а притоа позитивен ризик што не е директно вграден во проекциите се и можностите за забрзана евро-атлантска интеграција, којa може да донесе повисок раст, со зголемување на странскиот капитал, нови вработувања и покачувања на платите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

