Македонија
Министерството за здравство: ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести за јавната набавка за воспоставување ЈПП за интегрирано менаџирање

Министерството за здравство реагира до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за прес-конференцијата во која, како што велат од таму, се изнесени многубројни невистини и лаги за јавната набавка за воспоставување јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати.
„Имено, идното јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати е економски модел за долгорочно инвестирање во здравствениот систем, што ќе овозможи здравствена заштита од болнички инфекции и унапредување на системот за стерилизација и намалување на ризикот од постоперативни инфекции. Во согласност со физибилити-студијата предвидено е формирање четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација, им се излегува во пресрет на потребите на Универзитетскиот клинички центар и за другите болници во државата што имаат оперативни блокови“, велат од Министерството за здравство.
Во согласност со предвидената методологија, додаваат од таму, идниот приватен партнер ќе инвестира 13 милиони евра, а државата е корисник.
„На тој начин ќе се обезбеди замена на постојната и повеќедецениски дотраена опрема и инструменти со нови, персонализиран комплет стерилни хируршки инструменти за секоја операција одделно, стерилен медицински материјал во хируршките сали и дезинфекција на хируршките сали и просториите. Потенцираме, не постои можност да се доведе до прашање здравјето на граѓаните. Напротив, овој модел овозможува намалување на ризикот од инфекции. Исто така, не постои можност да се зголеми цената на услугите во здравството за граѓаните. Единствен фактор што би можел да влијае на растот на цените е промената на стапката на инфлација. Други фактори не може да се земат предвид“, велат од Министерството за здравство.
Од таму бараат извинување од ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, невистините и лагите што ги пласираат во медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ставен под контрола пожарот во парк-шумата Гази Баба

Попладнево избил тежок пожар во парк-шумата Гази Баба веднаш до ПМФ, изјави Стојанче Ангелов директор на ДЗС.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али информира дека кога стасал, на местото веќе биле пожарникарите на Град Скопје и доброволното друштво Чаир, со чија интервенција како што рече, пожарот на Гази Баба за два часа бил ставен под контрола.
Директорот на ЦУК соопшти дека на терен е дежурна екипа која ќе набљудува дали ќе има потреба од нова интервенција.
Македонија
Гаши-Дир: Поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес оствари средба со украинската амбасадорка во Република Северна Македонија, Лариса Дир. На средбата стана збор за состојбата во Украина во однос на целосната руска агресија, како и можностите за натамошно унапредување на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина.
Гаши ја потврди безрезервната поддршка за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и напорите за воспоставување на сеопфатен, праведен и траен мир во земјата. Тој се осврна на плодната соработка меѓу двата парламента, на билатерален и мултилатерален план, како и улогата на пратеничките групи за пријателство и соработка. Гаши, исто така, го подвлече значењето на Интерпартиската парламентарна група на Собранието на Република Северна Македонија за поддршка на Кримската платформа.
Амбасадорката Лариса Дир се заблагодари за севкупната поддршка и за досегашната помош од нашата земја и изрази очекување дека тие ќе продолжат и во иднина. Таа нагласи дека поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ. Во таа насока, амбасадорката информираше за претстојните меѓународни состаноци на кои се очекува учество на високи претставници од нашата земја, меѓу кои и Четвртиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, што ќе се одржи во ноември годинава во Стокхолм.
Претседателот Гаши и амбасадорката Дир се осврнаа и на европската интеграција на двете земји и можностите за соработка на ова поле. Тие се согласија дека Северна Македонија и Украина имаат одлични билатерални односи, со голем потенцијал за натамошно унапредување на соработката во различни полиња од заемен интерес.
Македонија
Кривична пријава против директор на училиште во Липково за злоупотреба на службената положба и овластување

Полицијата поднесе кривична пријава против директор на училиште во Липково за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според информациите од МВР, СВР Куманово поднесе кривична пријава против Г.Г.(51) од с.Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во текот на 2024, пријавениот, како директор на основно училиште во Липково, склучил договор за вработување, без претходно да обезбеди финансиски средства од Министерство за финансии и без објавување на јавен оглас, оштетувајќи го буџетот на државата во вкупен износ од 577.550 денари.