Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара расправа за адвокатските услуги на власта
ВМРО-ДПМНЕ поднело иницијатива до собраниската комисија за финансирање и буџет за надзорна расправа за склучените договори за консултантски, адвокатски и нотарски услуги на Владата, државните органи и претпријатијата со целосна, делумна или доминантна сопственост на државата.
Во иницијативата се наведени примерите за кои „А1он“ веќе истражуваше во два наврати – станува збор за огромни суми пари кои се одлеваат од буџетот на јавните претпријатија за адвокати кои се блиски до владејачките структури.
„Можноста за склучување договор во четири очи со дискреционо право на раководното лице или топ-менаџментот отвора сомнеж за излевање огромни финансиски средства кон одредени адвокати, нотари и консултанти за нивни услуги. Во изминатиот период во повеќе наврати протекоа бројни информации за ангажирани адвокатски друштва на лица носители на јавни функции или во роднинска врска со носители на јавни функции. Очигледна е тенденцијата одредени адвокатски друштва да склучуваат со Владата, органите на државната управа и јавните претпријатија“, се вели во иницијативата.
Како примери се наведени случаите за кои „А1он“ веќе пишуваше – дека адвокатското друштво „Де Леге“ кое е ангажирано од ЈП „Водовод и канализација“, а еден од сопствениците е пратеничката од СДСМ Снежана Калеска-Ванчева. Тука е и Стефан Јосифовски, адвокат кој го застапува СДСМ, а воедно е ангажиран и како адвокат на „Водовод и канализација“, Мери Младеновска Ѓорѓиевска, која е советник во кабинетот на Кочо Анѓушев а се јавува како адвокат во повеќе јавни претпријатија, советникот на премиерот Зоран Заев, Миле Зечевиќ, кој исто така се јавува како адвокат во државните служби.
Целта на надзорната расправа, како што стои во иницијативата до Собранието, е да се подобри транспарентноста и да се види колку пари добиваат адвокатите кои се на јавни функции или, пак, нивните роднини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

