Свет
Путин: Русија не се откажа од Јужен тек

Рускиот претседател Владимир Птуин изјави дека Русија не се откажала „дефинитивно“ од гасоводот Јужен тек или аналогниот гасовод низ Турција, но од Европската унија треба да добие јасен став за тие два проекта.
На состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот во Москва, рускиот претседател Владимир Путин ја доби информацијата дека нема законски пречки руските компании да учествуваат во експлоатацијата на гасните полиња крај израелскиот брег.
„Постојат одредени политички тешкотии со Турција, тоа е добро познато. Но неповратно не откажавме ниеден од тие проекти, ниту Јужен тек, ниту Турскиот тек“, рече Путин.
„Потребен ние е само јасен став од Европската комисија. Јасен, разбирлив и недвосмислен. Досега тоа не е сторено, за кој и да е од овие проекти“, прецизираше рускиот претседаел.
Русија ги замрзна преговорите околу гасоводот Турски тека чијашто цел е зголемување на извозот на рускиот природен гас во јужна Европа откако во ноември турските воздушни сили соборија руски бомбардер „Су-24“ на сироско-турската граница.
Москва на крајот од 2014 година го стави на страна и проектот Јужен тек, кој исто така требаше да ја снабдува јужна Европа со руски гас заобиколувајќи ја Украина, како резултат на трите ткн „гасни“ војни последната деценија со Киев, поради постојаните забелешки на Европската комисија дека со него се кршеле правилата за конкурентноста.
На прашањето поставено во текот на заедничката прес-конференција со Нетанјаху, што ќе се случи доколку Полска престане да купува руски гас откако ќе истече долгорочниот договор меѓу двете земји, Путин изјави дека Русија во секој случај бара и други пазари.
„Газпром (државната руска енергетска компанија – з.р.) е во потрага по можности…. за подготвување понуди за секој партнер, полски или европски или некој друг, за продажба на количествата кои денес се испорачуваат до полско-белоруската граница по завршувањето на договорот“, одговори Путин додавајќи дека понудата на „Газпром“ може да биде за обем на гас за 10 до 15 години.
„Можеби Израелците ќе го купуваат рускиот гас и ќе го продаваат на Полска“, се шегуваше Путин.
Полскиот министер за енергетика Пјотр Наимски минатиот месец за Reuters изјави дека Полска не планира да го обнови договорот за набавка на руски гас по истекувањето на сегашниот договор со „Газпром“ во 2002 година.
Путин изјави дека Русија досега не добила официјална потврда од полската гасна компанија PGNiG дека ќе престанат да го купуваат рускиот гас по истекот на договорот со „Газпром“.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов во јануари изјави дека Јужен тек би требало да биде трансформиран во Бугарски тек со 100-процентна бугарска сопственост на гасоводот. Според него, приоритет на Софија треба да биде гасниот јазол „Балкан“ во близина на црноморското пристаниште Варна. Овој центар, според Борисов, би можел да обезбеди преку два цевковода од Русија по 10 милијарди кубни метри гас годишни, и дополнително од Азарбејџан, како и од наоѓалиштата во Бугарија и Романија./кра/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Турција ѝ нуди помош на Европа, 10 милијарди кубни метри гас годишно преку балканскиот гасовод

Турскиот министер за енергетика, Алпарслан Бајрактар, изјави дека Турција е подготвена да и испорачува на Европа до 10 милијарди кубни метри природен гас годишно преку балканскиот гасовод, но само доколку европските земји покажат политичка волја и вложат во потребните инфраструктурни врски.
„Турција е подготвена да придонесе повеќе за енергетската безбедност на Европа. Доколку Европа покаже политичка волја и посветеност, и се направат дополнителни инвестиции во меѓусебните врски, ќе можеме да извезуваме до 10 милијарди кубни метри гас годишно во Централна и Источна Европа преку балканскиот гасовод“, истакна Бајрактар во интервју за јапонското економско издание „Никеи“.
Изјавата на турскиот министер доаѓа по прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина, кој беше значаен дел од снабдувањето на Европа.
Транзитниот договор меѓу Русија и Украина истече на 1 јануари годинава, а Киев одби да преговара за продолжување на договорот поради тековната воена агресија на Русија врз Украина. Ова предизвика сериозни прашања за идното снабдување со природен гас во Европа и можноста Турција да стане клучен играч во енергетската стабилност на регионот.
Економија
Македонците од ова лето ќе плаќаат повеќе, Грција ги зголеми туристичките такси

Грција од оваа година ќе ги зголеми таксите за туристите, со цел да генерира средства за подобрување на инфраструктурата и промоција на одржлив туризам. Според информации објавени на порталот „Шенген њуз“, туристите кои ќе посетат Грција ќе плаќаат дневен данок од 2 евра, што претставува значително зголемување во однос на досегашните 0,5 евра. Во периодот од април до октомври, во текот на ударната туристичка сезона, таксата ќе се зголеми на 8 евра.
Зголемување на таксите се очекува и за сместувањето. Така, за хотелите со една и две ѕвезди, како и за изнајмување соби, ќе се плаќа 2 евра, наместо досегашните 1,5 евра. Во хотелите со три ѕвезди ќе се плаќаат 2 евра повеќе, додека госите во хотелите со четири ѕвезди ќе платат 10 евра наместо 7. Најголемо поскапување ќе биде за хотелите со пет ѕвезди и вилите, каде што таксата ќе порасне од 10 на 15 евра.
Исто така сместувањето преку „Airbnb“ ќе биде поскапено, со такса од 2 евра во зимските месеци и 8 евра во летните месеци, се очекува и зголемување на таксите за туристите кои ќе одлучат да патуваат со крстарење. Прогнозите велат дека Грција ќе биде домаќин на 8 милиони туристи во 2025 година.
Како дел од новите такси, посетителите на Санторини и Миконос ќе треба да плаќаат по 20 евра, додека за останатите острови, вклучувајќи ја и Атина, таксата ќе изнесува 5 евра на ден. За споредба, иако Миконос има само 12.000 жители, секој ден го посетуваат до 20.000 туристи, што го прави островот едно од најпопуларните дестинации.
Промените беа најавени во септември од страна на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој истакна дека се очекува приходот од зголемените такси да изнесува 600 милиони евра. Овие средства ќе бидат насочени кон фондот за санација на штетите предизвикани од климатските промени.
Свет
Ердоган ветува поддршка за сирискиот народ по падот на Асад

По пауза од 12 години, Турција повторно ја отвори својата амбасада во сирискиот главен град Дамаск. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја ќе го поддржи сирискиот народ во процесот на обновување и закрепнување, оценувајќи дека Турција ќе продолжи да биде клучен фактор за стабилност во регионот.
На провинцискиот конгрес на Партијата на правдата и развојот, Ердоган истакна дека сирискиот народ извојувал значајна победа со соборувањето на режимот на Башар ал Асад. Потсети и дека Турција пред 13 години ги отворила своите граници за милиони бегалци од Сирија, обезбедувајќи засолниште за околу четири милиони луѓе кои побегнале од конфликтот.
„Турција останува како остров на стабилност среде хаосот и превирањата во регионот“, рече Ердоган, истакнувајќи ја улогата на неговата земја во решавањето на регионалните кризи.
Денеска, турското знаме повторно се вее пред зградата на амбасадата во Дамаск, лоцирана во дипломатскиот кварт. За привремен вршител на должност на амбасадор е назначен Бурхан Короглу, кој досега беше амбасадор на Турција во Мавританија.
Амбасадата на Турција ја прекина својата работа на 26 март 2012 година, поради влошувањето на односите меѓу Анкара и режимот на Асад, но со денешното отворање, активностите се официјално обновени.