Спорт
Ана Ивановиќ му подари куќа на братот за свадба
Поранешната српска тенисерка Ана Ивановиќ на својот брат Милош Ивановиќ како свадбен подарок му купи куќа во Мајорка. Милош се ожени со Драгана Џаиќ, ќерка на познатиот поранешен српски фудбалер, Драган Џаиќ.
Светските медиуми пишуваат дека куќата во Мајорка ја чинела тенисерката два милиона евра.

„Ана за свадбата на својот брат и снаата купи куќа што се наоѓа во близина на нејзината вила во Мајорка. Куќата се наоѓа во населбата Сон Вила. Има два ката, четири спални соби, три бањи, дневен престој и играчница за деца. Куќата чини два милиона евра“, изјави пријател на Ивановиќ, кој присуствувал на свадбата.
Исто така, тој открива дека младенците заработиле голема сума од луксузната венчавка. На забавата присуствувале повеќе од 250 гости.

„Милош и Драгана добија подарок неколку уметнички слики, а некои од гостите им даваа плик со пари. И јас однесов коверт. Мислам дека никој не остави помалку од 1.000 евра“, вели пријателот.
Ана, која за време на својата тениска кариера заработи 98 милиони евра, изјави дека сака нејзините деца и децата на брат ѝ да пораснат заедно. Српската тенисерка пред неколку дена објави дека со својот сопруг Бастијан Швајнштајгер го чекаат своето второ дете.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Болоња преку Интер до финалето на Суперкупот
Актуелниот освојувач на Купот на Италија, Болоња, ќе се бори за трофејот во Суперкупот. Болоња во Ријад го победи Интер по изведувањето пенали со 3.2. Во регуларниот дел натпреварот заврши 1:1.
Интер беше подобар во текот на целиот натпревар, но тоа не успеа да го претвори во победа. Турам му донесе предност на Интер во втората минута. Болоња изедначи од пенал во 35-та минута, преку Орослини.
Во пенал серијата, во херој се претвори голманот на Болоња, Раваља. Тој ги одбрани ударите на Бастони и Бони, а Барела шутираше над голот.
Финалниот натпревар се игра в понеделник од 20 часот. Противник на Болоња ќе и биде актуелниот првак Наполи.
Спорт
Алекс Фергусон: Можно е Манчестер Јунајтед уште 10 години да не биде шампион
Легендарниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон, даде загрижувачка прогноза за иднината на клубот, предупредувајќи дека може да помине уште една деценија пред повторно да го кренат трофејот од Премиер лигата.
Јунајтед ја освои последната титула во лигата во 2013 година, точно во последната сезона на шкотскиот стручњак на клупата.
Фергусон денес има 83 години и освои 13 титули во англиското првенство и две Лиги на шампиони со Јунајтед. Тој го водеше клубот 27 години, од 1986 до 2013 година.
Според Фергусон, клучната причина за долгогодишниот пост лежи во лошиот избор на играчи. Тој истакна дека подобрувањето на процесот на регрутирање и доведување засилувања е неопходен предуслов за враќање на клубот на патеките на старата слава.
Тој посочи три нови играчи, за кои смета дека се засилувања
„Аморим е добра личност, не му е лесно. Кога јас пристигнав, Ливерпул беше одличен. Тие беа европски шампиони, но потоа им требаа 30 години за повторно да ја освојат титулата во англиската лига. Таква е ситуацијата со Јунајтед. Може да потрае уште десет години пред да ја освоиме титулата во лигата.
Мора да се погрижиме да доведеме подобри играчи. Голманот Ламенс беше доведен за да направи разлика. Тој е млад, агилен, висок и знае како да игра со рацете и нозете. Тука се и Мбеумо и Куња, за кои мислам дека исто така ќе бидат од голема помош“, им рече Фергусон на новинарите во Бахреин.
Foto/ depositphotos
Спорт
Гвардиола: Сити мора да се подготви за моето заминување
Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека клубот „мора да се подготви“ за да го испланира неговото заминување и да пронајде наследник. Иако Шпанецот има договор до крајот на сезоната 2026/27, гласни се шпекулациите дека ќе замине по заврпувањето на сезоната. Би-Би-Си пишува дека клупските челници веќе го започнале процесот на барање потенцијални кандидати за негова замена.
За време на неговата кариера во Сити, која ја започна во 2016 година, Гвардиола се етаблираше како една од најважните фигури во историјата на клубот, освојувајќи шест титули во Премиер лигата и Лигата на шампионите. Кога беше прашан дали ќе го заврши договорот, 54-годишникот одговори криптички.
„Во последните три или четири години во одреден период, ми го поставуваат ова прашање. Порано или подоцна, на 75 или 76 години, ќе го напуштам Манчестер Сити. Го разбирам прашањето, но сè уште имам 18 месеци, и воодушевен сум“, рече Гвардиола.
Кога директно го прашаа дали ќе биде во Сити следната сезона, тој додаде: „Одговорив на тоа прашање и претходно. Тука сум. Што ќе се случи, којзнае, но и да имав договор од 10 години или шест месеци, фудбалот многу се менува.“
Тој, исто така, ги отфрли обвинувањата за разговори за предвремено заминување. „Нема дискусија – крај на темата. Нема да бидам тука засекогаш и претходно реков дека нема да бидам тука засекогаш. Што ќе се случи, ќе се случи и клубот мора да биде подготвен за сè“, заклучи тој.
Во услови на неизвесност, менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, кој претходно беше помошник на Гвардиола во Сити, се споменува како еден од потенцијалните наследници. Италијанецот, сепак, категорично ги негираше ваквите гласини.
„Воопшто не ме засега бидејќи знам дека се 100% шпекулации. А во моментов нема време за такви работи“, рече Мареска, чиј договор со Челзи е до 2029 година.
„Мојот фокус, многу пати сум рекол, е само на овој клуб и многу сум горд што сум тука. Пред една недела бев поврзан со Јувентус. Затоа не обрнувам внимание бидејќи знам дека не е вистина.“
Би-Би-Си дознава дека чувството за потенцијална промена го натера Сити да ја интензивира потрагата по наследник на Гвардиола. Се верува дека се идентификувани најмалку двајца кандидати, иако нивните имиња засега остануваат тајна.
Спортскиот директор Уго Вијана има клучна улога во составувањето на списокот, а конечна одлука за иднината на Гвардиола не се очекува пред крајот на сезоната. Сити, кој моментално е два бода зад лидерот Арсенал, е домаќин на Вест Хем во сабота.
Foto/ depositphotos

