Економија
(Видео) Заев најави нова словенечка инвестиција во фабриката за акумулатори во Пробиштип
Во рамки на дводневната официјална посета на Словенија, премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев одржаа неколку средби со словенечки компании и оттаму најавија нова инвестиција на компанијата „Таб мак“ во висина од 25 милиони евра, којашто ќе отвори над 90 нови работни места во Пробиштип и околината.
„Директор на компанијата ‘Таб мак’ ја сподели добрата вест со нас, дека е донесена одлука да направат нова инвестиција за фабриката за акумулатори во Пробиштип во вкупна вредност од 25 милиони евра. Се потврдува дека во нашата земја има поволна инвестициска клима кога една компанија којашто скромно стартуваше пред неколку години сега носи вака крупна одлука за инвестиција од 25 милиони евра којашто ќе отвори нови од 70 до над 90 работни места. Се потврдува дека севкупните наши политики значат отворање перспективи на Северна Македонија за интегративните процеси, но и на сите економски политики што ги водиме во државата“, рече Заев и додаде дека оваа инвестиција се реализира во внатрешноста на земјата, што е дополнителен импулс за рамномерниот регионален развој и за задржување на младите во нашата земја.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, рече дека во Словенија имале работна средба со претставници на 17 словенечки компании кои имаат операции во Република Северна Македонија, кои ги презентираа своите идни планови и притоа изразија задоволството од бизнис-климата во нашата земја и актуелната политичка состојба.
„Во согласност со Законот, оваа компанија ќе има можност да потпише договор за државна помош со што ќе се забрза реализацијата на проектот. Ова е една од компаниите кои инвестираат надвор од технолошко индустриските зони. Со тоа покажуваме дека не се поддржуваат компании само во ТИРЗ. Веќе имаме добар број фабрики кои инвестираат и надвор од овие зони. Со оваа компанија разговараме околу една година, во новата инвестиција ќе донесе современа технологија, што значи и поквалитетни работни места за граѓаните на Пробиштип и околината“, нагласи Анѓушев.
Управителот на „Таб мак“, Игор Липовник, истакна дека станува збор за компанија која успешно функционира од 1965 година, а во 2012 ја презема фабриката „Злетово“, која во тој момент имала 168 вработени и вкупно околу 5 милиони годишен приход. Тој истакна дека се одлучиле на овој чекор бидејќи во нашата земја нашле добри и квалитетни работници, а потенцираше дека односите со централната и локалната власт се на високо ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Агенцијата за поддршка на претприемаштво го додели признанието за најдобар ментор за 2023 година
Во рамките на Европската недела на претприемаштво, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото успешно го реализира настанот Mentor Awards 2023, кој се одржа како дел од активностите на програмата „Стандардизирани менторски услуги“.
Настанот поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA имаше цел да ја истакне важноста на мисијата на менторите во унапредувањето на работењето на македонските мали и средни претпријатија.
Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар во Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати. Најдобриот ментор за минатата година го избра жири составено од ментори.
На настанот менторите од шесте регионални центри имаа можност да презентираат по еден значаен пример на спроведена менторска услуга во нивниот регион. Во рамките на Mentor Awards 2023, во согласност со методологијата за спроведување стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија за периодот 2024 – 2029, Агенцијата ѝ додели овластување за инструктор за обука во пракса на Евгенија Лисичова, а на Никола Димковски (комуникациски вештини) и Тони Цветановски (управување со човечки ресурси) им додели овластување за обучувачи за теоретска настава.
Овие овластувања претставуваат важен чекор во создавањето на генерација квалификувани обучувачи, кои ќе го пренесуваат знаењето и искуството за унапредување на претприемништвото во земјата. Настанот ја потврди важноста на менторството како клучен фактор за успехот на македонските компании. Менторите, преку спроведување на стандардизираните менторски услуги, го ставија во функција своето долгогодишно знаење, обезбедувајќи насоки за развој, раст и одржливост на корисниците на овие услуги.
Претходниот ден, тим од Агенцијата за поддршка на претприемништвото предводен од в.д директорката Даниела Димовска оствари плодна средба со претставници на невладини организации кои работат во областа на економијата, претприемништвото и иновациите. Беа разменети мислења и идеи и беа поставени основи за идна соработка и за поддршка и развој на претприемничките иницијативи.
Покрај тоа, во текот на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата реализираше низа активности со цел да го истакне значењето на претприемништвото и да обезбеди поддршка за младите и бизнис заедницата. Беа спроведени посети во средните училишта „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, при што учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата, а беа организирани и работилници за поддршка на младите претприемачи, каде што беа презентирани успешни претприемачки модели и стратегии.
Како дел од одбележувањето, претставници од Агенцијата ги посетија и фирмите „Винарија чифлик“ од Битола и СВАРОГ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Со овие активности АППРМ потврди дека е клучен партнер во развојот на претприемаштвото во земјата обезбедувајќи платформа за инспирација, поддршка и промоција на нови иницијативи, кои ќе ја зајакнат економијата и ќе ја подготват следната генерација успешни претприемачи.
Економија
Еврото падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот
Еврото денеска падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот откако најновите податоци покажаа дека деловната активност во еврозоната нагло паднала во ноември.
Според податоците на берзата, европската заедничка валута во еден момент се тргуваше по 1,0399 долари, што е најниска вредност од декември 2022 година, пренесува CNN (CNBC).
Глобалната агенција S&P објави дека композитниот индекс во еврозоната паднал од октомвриските 50 поени на 48,1 поени.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.