Македонија
Претседателските избори и антикорупциската комисија позитивни точки во европскиот извештај
Вашиот дел од работата го сработивте, рече потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, обраќајќи се до Северна Македонија и до Албанија, на денешната презентација на најновите стратегии за проширувањето на ЕУ.
„Северна Македонија и Албанија својот дел од работата го сработија, а сега останува ЕУ да го сработи своето и топката е кај комитетот“, рече таа во Европскиот парламент.
Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, Македонија и Албанија ги посочи како најпозитивни примери во регионот.
„Двете земји успеаја да ги исполнат очекувањата. Северна Македонија не само што успеа да ги почне реформите, туку успеа да направи историски договор со Грција и да ги имплементира неопходните параграфи од договорот во Уставот“, рече тој.
Освен договорот од Преспа, Хан потенцираше дека државата и со договорот со Бугарија дала јасна порака до соседството и „станала пример за градење добрососедски односи“.
„Со ова, Северна Македонија е единствената земја во регионот која нема меѓусоседски конфликти“, рече Хан.
Освен ова, тој ги спомена и успешно спроведените претседателски избори, формирањето на антикорупциската комисија, како и реформите во администрација и во судството.
За Албанија, Хан рече дека се очекува голема трансформација во правосудниот систем и реевалуација на судиите и јавните обвинители со цел искоренување на корупцијата.
Европската комисија во извештајот смета дека земјата поминува низ „темелни промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера“ и дека конкретни резултати се видливи во сите клучни реформски области: судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби и јавната администрација.
Во однос на СЈО, Европската комисија нотира дека ова тело ја докажала својата водечка улога во гонењето на високопрофилна корупција. Сепак, ЕК бара дополнителен напор од „сите судски институции“ за враќање на довербата на јавноста во судството.
По објавувањето на позитивниот извештај и препораката за старт на преговорите, сега клучна останува одлуката на земјите членки на ЕУ за датумот за преговори, одлука која се очекува најрано во текот на јуни, но која би можела да биде одложена за јули или септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

