Топ
Обвинение за Босанец – ја заклучил партнерката во стан во Скопје и цела ноќ ја малтретирал

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против босански државјанин кој ја заклучил партнерката во стан во Скопје и цела ноќ ја малтретирал. Тој ќе одговара за телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и противправно лишување од слобода од член 140 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, државјанин на Босна и Херцеговина, при вршење семејно насилство телесно ја повредил и противправно ја држел затворена девојката со која живеел во вонбрачна заедница во Шведска.
Тие во мај годинава дошле во земјава за да склучат брак. Зеле под закуп стан во Скопје во кој обвинетиот, вечерта на 23 мај во 23 часот, ја заклучил невенчаната сопруга, по што го фрлил клучот и ѝ ги зал мобилните телефони за да не може да бара помош. Потоа почнал да ја удира и да ја турка. Ја малтретирал до 5:30 часот изутрината, поради што таа се здобила со видливи повреди по телото.
„Заедно со обвинението, јавниот обвинител до надлежниот Основен кривичен суд – Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор, која беше определена од страна на Судија на претходна постапка на 25 мај 2019 година”, соопшти обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло низ целата земја, температури до 27 степени

По нестабилностите од претходните денови, денес ќе има стабилизација на времето во целата држава. Ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност, што нема значително да влијае на пријатниот временски амбиент.
Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, што дополнително ќе придонесе за благи и пријатни температури низ земјава. Временските услови ќе бидат погодни за активности на отворено, прошетки и патувања.
Минималните утрински температури ќе изнесуваат од 5 до 11 степени Целзиусови, а максималните дневни температури ќе се движат од 19 до 27 степени Целзиусови.
И во главниот град не очекува сончев и топол ден, со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а температурите ќе бидат идеални за викенд-излети и дружења на отворено. Во Скопје минималата утринска температура ќе изнесува 8 степени Целзиусови, додека максималната дневна температура ќе достигне до 27 степени Целзиусови.
Свет
За Зеленски велигденското примирје на Путин е нова манипулација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам во врска со едностраниот велигденски прекин на огнот, објавен денеска од рускиот претседател Владимир Путин. Во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не открива дали примирјето е прифатливо за Киев.
– Што се однесува до новиот обид на Путин да манипулира со човечките животи – сирените за воздушен напад моментално се огласуваат во многу делови на Украина. Во 17 часот и 15 минути на нашето небо беа откриени руски беспилотни летала. Украинската воздушна одбрана и воздушните сили веќе почнаа да дејствуваат за да не заштитат. Присуството на дронови Шахед во нашиот воздушен простор јасно го открива вистинскиот став на Путин кон Велигден и кон човечките животи, напиша Зеленски на платформата Х.
Зеленски во објавата не дава никави назнаки дали и Украина ќе го прекине огнот за Велигден.
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објави Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Свет
Путин објави велигденско примирје

Рускиот претседател Владимир Путин објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции, соопшти Кремљ.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објавил Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Путин истакнал дека руските војници, сепак, мора да бидат подготвени за можни прекршувања на примирјето од страна на Киев. Мора да бидат подготвени да одбијат секаква провокација на непријателот, секоја негова агресивна акција, нагласил рускиот претседател.
Москва очекува украинската страна да го следи нивниот пример. Киев сè уште официјално не го коментираше прогласеното примирје.